Промоцијата на македонското издание на романот „Спиј сега, ајде, спиј сега“ од наградуваниот малтешки автор Имануел Мифсуд ќе се одржи во четврток, 3 април, со почеток од 20:00 часот, во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар ‒ Скопје.
Книгата низ разговор со авторот ќе ја претстави Јулијана Величковска, која воедно е и преведувач на романот од англиски јазик. Изданието е на ПНВ Публикации, а неговата објава е поддржана од Малтешкиот национален совет за книги.
Романот „Спиј сега, ајде, спиј сега“ од Имануел Мифсуд тематски, главно, се занимава со сонот (и со неговото отсуство), но и со читањето, со сеќавањето… Поврзувајќи ги овие теми, во романот се појавуваат неколку љубовни приказни, со необични љубовни односи – како што е врската меѓу една добитничка на Нобеловата награда за литература и еден поет што, додека била млада, ја омаловажил и неа и нејзината поезија, па сега, кога веќе никој не се сеќава на него, таа бесплатно дели примероци од негов избор песни и останува нејасно дали тоа го прави бидејќи кон него сѐ уште чувствува љубов или омраза. Тука е и инцестуозниот однос помеѓу брат и сестра, чиишто родители живеат во сопствени паралелни светови – мајката последните години од животот ги поминува во сон, а таткото ноќе го посетува многу помлада девојка. Раскажана е и долгогодишната љубовна врска меѓу маж и жена што се среќаваат само еднаш годишно, секој 22 јуни, сѐ додека смртта не ги раздели.
Технички, романот има целосна намера да ги наруши сите книжевни правила на прозата – нараторот, кој (претпоставено) е и самиот автор, постојано вметнува и некои други приказни што не се дел од главната содржина на книгата. Нарацијата, започнувајќи во второ лице, преминува во прво, а потоа и во трето лице. Времето и просторот се неодредени. И некако, сите ликови чиишто приказни се раскажани во одделни поглавја, се среќаваат на крајот од романот.
Имануел Мифсуд (Малта, 1967) е една од водечките фигури на малтешката книжевна генерација по 90-тите. Неговите книги се нашироко преведувани, особено романот „Во името на таткото (и на синот)“ што беше награден од Европската Унија и преведен на единаесет јазици. Неговите најнови романи, раскази и стихозбирки, исто така, се преведени на многу јазици. Покрај прозата и поезијата, Мифсуд е автор и на две книги за деца. Во 2014 година, на Мифсуд му беше доделен „Орден за заслуги“ од Република Малта како признание од државата за неговите книжевни потфати, а во 2024 година ја доби и Националната награда за поезија што ја доделува Малтешкиот национален совет за книги. Мифсуд докторирал книжевност на Универзитетот во Малта, каде што предава современа литература и теорија на книжевноста.