Промоцијата ќе ја модерира и со авторката ќе разговара професорката и преведувачка Калина Малеска. Освен што ќе бидат прочитани извадоци од романот, тој ќе биде разгледан од повеќе аспекти: какво е видувањето на Елин Кулхед за пишувањето фикционална биографија и како е да се позајмува гласот на друга авторка.
Романот „Еуфорија“ е прониклив и драматичен приказ на последната година од животот на поетесата Силвија Плат пред нејзиното самоубиство во 1963 година. Надминувајќи ги амбициите да биде историски роман со биографска подлога, ова е книга за една разорна љубов, за мајчинството, за неверството, за справувањето со сопствените демони и за еуфоричната мистичност на креативниот чин во кој се раѓа поезијата.
Елин Кулхед е шведска писателка и новинарка. Родена е во Упсала во 1983 година. На книжевната сцена дебитирала со неколку книги за деца, а нејзиниот прв роман за возрасни е „Еуфорија“, објавен во 2021 година и награден со највисокото шведско книжевно признание, наградата „Август“.
Преводот на романот е на Катерина Јосифоска. Дизајнот на постерот е на Ема Велковска и Марија Смилевска, a портретот на Елин Кулхед е на Олоф Гринд.
Во понеформална атмосфера читателите ќе можат да ја запознаат авторката Елин Кулхед и да разговараат со неа за сите прашања кои ги отвора романот „Еуфорија“ на 24 јануари (петок), во 18 часот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.