Утре со почеток во 19ч во фоајето на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово ќе се одржи промоција на романот „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски. Настанот е дел од годишната литературна програма на НУЦК за 2025 година поддржана од Министерство за култура и туризам.
Романот на Владимир Јанковски „Ехото на акробатите“ е добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 што по шести пат ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“. Промотор на романот ќе биде Оливера Ќорвезироска.
Таа за романот ќе напише „Не напуштајќи ја својата препознатлива раскажувачка поетика базирана на љубовта со сите нејзини убави лица и грди опачини, Јанковски овојпат подлабоко загребува и во општеството и во семејните односи. Наградениот роман е наративна сложувалка, роман-ламја со 100 глави и недоброј значенски опашки. Тој повеќе е граматика на љубовта, отколку што е љубовна приказна. На Јанковски како на раскажувач не му е неопходна екстензијата, епичноста на изразот, зашто тој умее да напише сто страници што се „раствораат“ во илјада.
Станува збор за впечатливо растворлив стил, за растворлива проза, за наративен концентрат како сирупите од нашите детства кога еден литар сируп се раствораше во десет литри сок. Метафората со сокот на растворање може да биде еден вид дефиниција за книжевното писмо на Јанковски, зашто и тоа е на
растворање. Од малку се прави многу; се пишува кусо – се чита долго.