Романот на Лидија Димковска кој лани беше издаден од издавачката куќа ,,Три” и се стекна со значајни признанија, ќе биде претставен пред студентите и пошироката јавност на настан организиран од Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески”.
Д-р Елизабета Шелева, редовна професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и д-р Весна Мојсова-Чепишевска, редовна професорка на Катедрата за македонска книжевност и култура ќе го претстават романот и ќе разговараат со авторката, а поетесата и филолог Ивана Јовановска ќе изложи свој труд посветен на последниот роман на Димковска.
Настанот е од отворен карактер.
Лидија Димковска (1971, Скопје) е една од најзначајните македонски авторки. Објавила седум поетски збирки, три романи, еден дневник и една збирка раскази, преведени на бројни јазици. Уредила и четири антологии. Ги добила наградата за дебитантско поетско дело, двапати наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечката „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската награда за поезија „Наим Фрашери“, наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга за „Гранична состојба“ и други. Нејзините книги биле номинирани и за американската награда „Најдобра книга во превод“, како за поезија така и за проза, за германската „Берлински мост“, за полската „Европски поет на слободата“ и за меѓународната „Балканика“. Преведува од романски и од словенечки јазик на македонски.