По официјалната промоција во кафе-книжарницата „Илика“ во Скопје, втората поетска збирка на Александра Спасеска, „Координати на болката“, ќе биде промовирана во Прилеп, во среда на 14 август од 19:30 часот во кафе-галерија „Лувр“.
Низ разговор со авторката, промоторот Звонко Димоски ќе ја доближи поетската збирка до прилепската читателска публика.
Илустрациите во книгата се на визуелната уметница Марија Конеска, која соработуваше со авторката и на нејзината прва книга, „Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе), што имаше промоција во Прилеп лани во јуни.
Во „Координати на болката“ (2024, Илика), што како ракопис во 2023 г. беше добитник на наградата „Антев златник“, авторката храбро ги истражува маркатните сцени, интимните релации и важните човечки фигури од сопствениот живот, правејќи ја поезијата сцена на којашто се одвива рефлексијата на личното и колективното искуство. Спасеска во својата збирка гради мост помеѓу интимното и политичкото, помеѓу внатрешниот и надворешниот свет, но и помеѓу родениот и избраниот дом, а со тоа говори и репрезентативно за искуствата на цели едни генерации.
Поетесата Д.А. Лори за збирката вели: „(…) она што најмногу остава впечаток е дека Александра Спасеска храбро патува кон себеси; постојано се бори со стравот да биде разоткриена, разголена пред другиот и успева да ја добие таа битка, го победува стравот.“
Александра Спасеска (1984) живее и работи во Скопје. Таа е новинарка, преведувачка, авторка и активистка, со ангажмани во граѓанскиот сектор како истражувачка и менторка.
„Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ е нејзината прва самостојна објавена книга, во издание на ПНВ Публикации (2023). За песната „Имало денови“ ја доби втората награда на Меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), што во соработка со Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ ја додели наградата за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“ за 2024 година. Застапена е во неколку антологии, а нејзините песни се објавувани во домашната и странската периодика. Има соработувано со неколку македонски автори како преведувачка и препејувачка.
Звонко Димоски е културолог, есеист и преведувач/препејувач од полски и српски на македонски јазик, уредник на едицијата „Женска балканска рурална поезија“, соработник на неколку списанија за литература и уметност, автор на научни културолошки текстови и анализи посветени на современиот македонски театар. Консултант и проектен менаџер на бројни проекти од областа на литературата, културата, уметноста и социјалното претприемаштво.