Промоција на новиот роман на Сашо Кокаланов

На 12 јануари (петок) од 19.00 во бифето на ФДУ ќе се одржи промоција на романот „Среќните луѓе не слават родендени“ од Сашо Кокаланов. Романот е објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или.

За романот ќе зборуваат Сашко Насев и Стојан Синадинов.

Романот „Среќните луѓе не слават родендени“ е семејна драма за едно сиромашно семејство од Дримкол, инспирирана од вистинска приказна и претставува краток, згуснат книжевен запис кој на очигледен и нескриен начин кокетира со еден сосема поинаков јазик од книжевниот – филмскиот. Романот не крие дека е роден како сценарио за филм, а потоа при метаморфозата авторот намерно настојува четивото да си го промени крзното, но не и ќудта.
Динамиката на романот е повеќе од очигледно филмска. Описите се онолку детални колку што е потребно за да може природно убедливо, но и вехементно да бидат визуелизирани од читателот, а дејствието и сликите се менуваат – ајде да ја избегнеме фразата „како на филмско платно“ и да бидеме уште попрецизни – така што ќе му понудат привид на гледање филм снимен во еден кадар. Можеби оттука и одлуката на авторот приказната да ја раскаже во еден пасус, во еден здив, со „претопи“ на фокусот од еден кон друг лик, изведени на еден иновативен јазичен манир – во една иста реченица.
Како што Дерида ќе каже во неговата теорија за книжевноста: „не постои ништо надвор од текстот“, така и за овој роман можеме да кажеме дека не постои ништо надвор од кадарот што текстуално е создаден пред нас, а сепак, севкупноста на делото, на крајот на читањето/гледањето нуди една јасна метафора за човечките судбини во времето што го живееме и поставува едно егзистенцијално прашање за човековата среќа и можноста да се биде среќен во времиња кои се контекстуално несреќни.

Сашо Кокаланов е писател, сценарист, драмски писател, сатиричар, новинар.
„Среќните луѓе не слават родендени“ е негов шести роман. Работи како професор по филмско и телевизиско сценарио на ФДУ во Скопје.

Во рамките на оваа вечер ќе биде претставен и бугарскиот издавач и книжевен критичар, Пламен Тотев.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни