Есеите што веќе беа објавени на српски јазик во „Велике приче“ го добиваат своето прво македонско издание. Станува збор за лични гледишта и критика кон општеството. Целиот настан ќе нè доближи до суштината на овие есеи што се своевидно разголување на ставовите, спомените и размислувањата на авторката, како и на современото американско општество. Низ него ќе нè води Ивор Мицковски во улога на промотор.
По досегашните четири збирки раскази, Румена Бужаровска ја збогатува домашната литература со збирка есеи. Неоспорен е успехот со кој таа се закити со претходните книги раскази – превод на над 15 светски јазици, 10. домашно издание на „Мојот маж“, театарски претстави во регионот според ова значајно книжевно дело, место на топ-листите на светските книжевни платформи – книга на неделата во Германија според „Шпигел“, прв македонски автор објавен од францускиот реномиран издавач „Галимар“, најновиот превод на грчки јазик…
За есеите веќе има одѕив од домашните и од авторите од регинот. Како покана, ќе ги искористиме зборовите на познатиот српски режисер Срѓан Драгојевиќ: „Го поминав истиот пат како авторката на патописите и не ми беше толку интересно како што ми беше читањето на оваа книга“.
Од Издавачки центар ТРИ ги покануваат сите кои сакаат да бидат дел од претставувањето на необичните есеи на Румена Бужаровска, за кои веруваат дека ќе ѝ донесат нови успеси.
Извор: „https://skopjeinfo.mk/“