Во сабота на 12 април во 17.30 часот во Лабораториум, ќе се одржи промоција на најновата сликовница наменета за наџуџовци од предучилишна и раноучилишна возраст. Ова е првата сликовница од новата едиција која се вика Буба Мара. Автор на текстот е Ана Голејшка Џикова, а илустратор е Иванка НиБа. Помотор на сликовницата е Проф. Др Весна Мојсова Чепишевска.
Во “Куќичката на седумте наџуџиња“ вратата од фантазијата и љубопитноста е широко отворена за едно дете да додава, истражува, потенцира и во исто време ужива во оваа современа бајка, која всушност е затскриено секојдневие на малите наџуџовци-децата. Поистоветувајќи се со некои од ликовите во оваа приказна, децата учат и за разновидноста на индивидуите. А авторката дава еден убав начин, да се укаже на децата за различноста помеѓу нас, но и тоа дека различноста не нè прави помалку или повеќе вредни едни од други.
„Со приказни светот е совршен“ – вели рецезентката Билјана Стојановска. И потоа продоложува:
„Седум дена во неделата, седум светски чуда, седум архангели, седум јариња, седум џуџиња, седум наџуџиња. Авторката Ана Голејшка Џикова божествениот концепт на создавањето, преку симболиката на бројот седум, вешто го искористува креирајќи мал раскажувачки микрокосмос со својата книга „Куќичката на седумте наџуџиња“.
Во дел од својата рецензија Владимир Лукаш ќе истакне:
„Добриот илустратор знае дека не смее да ѝ пречи на приказната туку да ја охрабри да ги преплива сите мориња и, нели, да ги искачи сите планини. И обратно! Со други зборови, писателите и илустраторите треба да бидат многу добри другари! Во случајов, тие се многу добри другарки: Ана Голејшка Џикова и Иванка НиБа: едната пишува, другата црта. Ана си пишува тоа што си сака и си го прави тоа како што си сака, Иванка си црта тоа што си го сака и си го прави тоа како што си сака. Прва помисла: ако и двете си прават како што си сакаат, којзнае колку хаотично изгледа тоа! Но, не: тие функционираат одлично: кога Ана ги збеснува зборовите, Иванка ги скротува; кога зборовите стивнуваат, цртежите почнуваат да пеат брливи песни. Илустрациите на Иванка НиБа, во оваа, но и во другите сликовници каде што таа се потпишува како авторка, колку и да се немирни и ослободени од стегите на гравитацијата, истовремено се полни со лиричност мирна како полжав заспан под кокиче. Нејзините илустрациите се живи и знаат да раскажуваат приказни: мирисате ли колку убаво мирисаат баничките со зелка? Ја слушате ли композицијата на шестото наџуџе што свири на чешел? Леле, колку не им се шета на полжавите! Илустрациите на Иванка НиБа се прецизни сведоштва на авантурата на линијата што сонува да стане цртеж и да живее во сликовница. Ах, колку им завидувам на цртежите што живеат во сликовници!“
Во склоп на промоцијата ќе има и работилница која ќе ја води илустраторката на сликовницата Иванка НиБа.