Промоција на книгата „Се викам храброст“ – посветена на 50 исклучителни жени од нашето минато и сегашност

На 11 февруари, вторник, во 18 часот, љубителите на литературата ќе имаат можност да уживаат во инспиративна книжевна вечер во „Литература.мк“, сместена во „Дајмонд мол“. Оваа вечер ќе биде посветена на промоцијата на книгата „Се викам храброст“, издание на „Арс Ламина“.

Книгата е посветена на 50 исклучителни жени од нашето минато и сегашност, како што се Сирма Војвода, Вера Ацева и Илина Арсова, кои со својата упорност, дух и истрајност се афирмирале како силни личности, посветени на повисоки цели и создавање на трајна вредност за општеството. Во неа се разгледуваат животите и делата на овие жени кои ги инспирирале генерации и покажале што значи да се биде храбар во потрагата по успех и правичност.

Посебно внимание во книгата се посветува на помладата читателска публика, но и на сите оние кои бараат инспирација од примерите на храбрите жени кои промениле светот. „Се викам храброст“ носи приказни за ентузијазмот, пожртвуваноста и постигнувањата на хероините кои изградиле самопочит, потсетувајќи нè дека никогаш не сме сами на патот до целта и дека секој успех започнува со храброста да се соочиме со предизвиците.

Книгата го истакнува значењето на љубопитноста, храброста, вредностите и амбицијата. Таа нè потсетува да поставуваме високи цели, да бидеме упорни и да не престанеме да сонуваме, како што правеле жените кои се застапени во оваа книга.

Промоцијата ќе ја водат Надица Фирфова, Анета Илиевска и Иван Антоновски, а дел од жените застапени во книгата ќе бидат присутни за да ги споделат своите искуства и да разговараат за важноста на женската сила и отпорност.

Ова е вечер што ќе инспирира и поттикне на размислување за значењето на храброста во секојдневниот живот и во обидите да се создаде поубаво и пофер општество.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни