Новата книга „Околу три по полноќ” од Димитрие Дурацовски ќе биде промовирана на 19 јуни (четврток), во 19 часот, во „Литература.мк” во „Дајмонд мол”. Промотори на делото, кое е во издание на „Арс Либрис”, дел од „Арс Ламина – публикации”, ќе бидат Влада Урошевиќ , кој го напиша пoговорот на книгата, и уредничката – Оливера Ќорвезироска.
„Околу три по полноќ”, која е прва публикација на Дурацовски по пауза од една деценија, е уникатно издание, отпечатено со две различни корици: празничен примерок и делничен примерок. На неодамна доделените награди на Македонската асоцијација на издавачи, на Саемот на книгата 2025, книгата освои второ место во категоријата за највпечатлив целосен дизајн (корица и внатрешност) на издание за возрасни.
„Околу три по полноќ” е многу нешта: хибридна проза, експериментален роман, несекојдневен дневник… прегратка меѓу текстуалното и визуелното, меѓу дарбата и знаењето… но, над сè – раскошен каталог на едно широко време и едно длабоко постоење. Бесценет експонат од изложбата на современата македонска книжевност. Станува збор за речиси графички роман, каде што визуелното е еден вид доработка на раскажувачкиот ритам на Дурацовски. Во книгата се вклучени повеќе од 120 фотографии, плакати, омоти од книги и плочи, како и уметнички слики, сè со целосна реализација на хибридниот текстуален концепт и на визуелно ниво.
Димитрие Дурацовски (1952) е писател и сликар, кој работел како ликовен соработник во Народниот музеј во Струга. Припаѓа на т.н. петта генерација, односно петтиот круг на автори што се појавија на македонската книжевна сцена во 1980-тите години. Тој е и предвесник на современиот концептуален ликовен израз во Македонија.
Целиот негов опус е обележан со постмодернистичка естетика. Автор е на култните збирки раскази „Тајна историја” и „Црни пророци”, како и на романите „Insomnia” и „Бледи сенки, далечни гласови”. „Околу три по полноќ” е неговата петта книга – хибридна проза, експериментален роман, несекојдневен дневник… но, над сè, раскошен каталог на едно широко време и едно длабоко постоење. Дурацовски е двократен добитник на наградата „Рациново признание” (за „Insomnia” и за „Бледи сенки, далечни гласови”), како и на државната награда „11 Октомври” за животно дело. Во 2023 година, во Националната галерија Чифте-амам беше отворена неговата ретроспективна изложба „Ветар параклет”, прва по речиси 40 години неизложување.