Промоција на книгата „Комичното и хуморот“ од Иван Џепароски во Театар Комедија

Месецот март во Театар Комедија носи две новости, по следниов редослед − промоција на нова книга и прва премиера во 2024 година.

На 20 март (среда), со почеток во 12 часот, на малата сцена во Театар Комедија ќе се одржи јавна промоција на книгата „Комичното и хуморот“ од професорот Иван Џепароски. Кон книгата ќе се осврнат и ќе ја претстават писателот и професор, Александар Прокопиев, и професорката и театролог, Ана Стојаноска.

Во својот предговор кон изданието, професорката Стојаноска забележува: „Да се пишува за комедијата, за комичното, па дури и за хуморот, значи да се пишува за човековото снаоѓање низ светот, особено во театарот. Еден од главните постулати на пишувањето е дека најтешко е да се напише комедија, а уште потешко е да се пишува за комедијата. Одговорот на едноставното прашање ’Зошто е тоа така?‘ лежи во основата на односот на човекот кон смеата, хуморот, игривоста. Затоа се ретки книгите што умешно говорат за комичното. За наша среќа, ја имаме пред себе книгата на професорот, поет, философ и преведувач, Иван Џепароски, ’Комичното и хуморот‘“.

Книгата е сочинета од девет поглавја, кои професорот Џепароски во прологот ги „групира“ во три групи: За комичното, За комедијата, За црниот хумор, За иронијата (своевидни книжевно-театролошки одредници), За писателите – со мала помош на црниот хумор, За уметноста – со мала помош на еден ирониски дијалог (лесни книжевни монолози и дијалози), Хуморот и сатирата: културолошки пристап, Комичното и хуморот: естетички пристап и Комичното и комедијата: Плаут (посложени есеи поврзани со културолошкиот, естетичкиот и книжевно-историскиот пристап). Во однос на текстовите поместени во книгата, тој додава: „Застапени се неколку мои не толку стари, но и неколку нови и необјавени текстови. Сите тие се повторно прегледани, преработени и поставени во нов контекст, врз основа на барањата на ова издание наменето за една поширока публика“.

Професорот Џепароски, исто така, нотира дека критиката и хуморот во Македонија се во криза и дека единствено Театар Комедија „со својата успешна програма и многубројната публика претставува соодветна апологија (одбрана) на комичното и на хуморот“.

Иван Џепароски (1958) е писател и филозоф. Професор е по естетика и филозофија на културата на Филозофскиот факултет во Скопје, а предавал и на Факултетот за драмски уметности при УКИМ. Во неколку мандати бил раководител на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Автор е на многубројни филозофски, естетички, поетски и есеистички дела, како

и на неколку филозофски избори и поетски антологии. Добитник е на голем број награди и признанија. Негови поважни книги од областа на филозофијата се: Арго плови по Аксиј (1984), Во потрага по изгубениот тоталитет (1993), Уметничкото дело (1998), Отаде системот (2000), Филозофски приказни (2001), Естетика на возвишеното (2008), Став и суштина (2010), Дискурси на визуелното (2014), Култура и книжевност (2016), Естетика: Естетички категории (2020), Пандемија и постхуманизам (2022), Филозофија и книжевност (2023) и Два опита: Конески и Старделов (2023).

Книгата „Комичното и хуморот“ е трето остварување на Театар Комедија, во рамките на неговата благородна идеја за збогатување на својот библиотечен фонд и на книжната понуда со стручни и важни дела за театарската уметност на македонски јазик. Книгата е подарок од Театар Комедија и нема комерцијална вредност, а ќе биде достапна и за слободно преземање во електронска верзија на интернет-страницата на театарот, www.teatarkomedija.mk.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни