Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска напладне ќе биде промовирана книгата „Транскултурни разногласија: Избрани критики и есеи“ од Анастасија Ѓурчинова. За книгата ќе говори Лидија Капушевска-Дракулевска, а модератор ќе биде Александра Јуруковска.
„Транскултурни разногласија“ (издание на МИ-АН) е критичко-есеистичко дело со текстови чија проблематиката е поврзана со книжевната рецепција и интерпретација, традуктологијата, идентитетот, егзилот, границите и слично, а Ѓурчинова ги пишувала последниве десетина години.
– Авторката е особено насочена кон истражување на споредбени релации, главно во однос на македонско-италијанските книжевни врски, кои ги разгледува низ призма на меѓусебното преведување, афирмација и попродлабочено книжевно разбирање. Овој широк дијапазон на интереси навистина резултира со впечатокот за полихромија или разнобојност на тематски и методолошки план, бидејќи авторката на овие есеи и критики со леснотија се движи низ книжевните меридијани, поткрепена со актуелните сознанија на компаратистиката, културологијата и книжевната херменевтика – вели Лорета Георгиевска-Јаковлева.
Ѓурчинова е книжевна критичарка, есеистка и преведувачка. Работи како професорка на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ – Скопје. Нејзини полиња на интерес се италијанистиката, компаратистиката, преведувачките студии и интеркултурните студии.