Промоција на книга нa сараевската авторка Шејла Камериќ

Уметничката книга „Mother is a bitch“ на авторката Шејла Камериќ и пријателите, ќе биде промовирана вечерва во 19.30 часот во Музејот на современата уметност во Скопје. По ланската изложба на Камериќ „Доаѓаме со поклон“, која „Крик“и „Прво па женско“ заеднички со уметницата Камериќ ја претставија во Чифте амам, за Камериќ најважно нешто е плетењето на пријателски мрежи и наративи кои создаваат амбиент на закрила и заемна поддршка.

Промоцијата е замислена како разговор помеѓу Камериќ, уредничката Жива Клајндиенс, како и Јасмина Тумбас и Милица Радуловиќ. Воведничарка и модераторка на разговорот е Јованка Попова. Промоцијата ќе биде на англиски јазик, а ќе биде обезбеден симултан превод на македонски јазик.

Во текот на изминатите 25 години, Шејла Камериќ (р. Сараево 1976 година; живее и работи во Сараево, Берлин и Истра) создаде извонреден број уметнички дела засновани на гестови за самопретставување. Тие ја откриваат трајната верност на Камериќ кон темата на автопортретирање и нејзиното неконвенционално разбирање на оваа авто-референтна практика. „Mother is a Bitch/Мајката е кучка“ обединува текстови и слики кои се одразуваат на повеќеслојната практика на Камериќ, следејќи ги двете главни линии во суштината на нејзиното творештво: автопортрети и текстилни дела. Овие уметнички дела се засноваат на сопствените искуства, сеќавања и соништа на Камериќ кои нè водат во глобалните простори на раселување и дискриминација. Тие се гледаат низ леќите на родот, трудот, миграцијата, класата и грижата, а проткаени се со испреплетени темпоралности – минатото и сегашноста. Инспирирани од écriture feminine, или „женското писмо“ на Хелен Сиксу – теорија на феминистичката филозофија која комбинира елементи на психоанализа, книжевна теорија и постапка на деконструкција – автор(к)ите на книгата ги сметаат актите на пишување како субверзија на патријархалните императиви.

Приложените текстови се преплетуваат и проникнуваат, графички и тематски, и се поставени во релација со репродукции на делата на Камериќ, конфронтирајќи теми како што се вештерство, феминизам, саморефлексија, самоистражување и само-експлоатација. Во однос на овие и други теми, како и во однос на делото на Камериќ, во книгата рефлектираат: Хана Ќурак, Искра Гешоска, Јана Коцевска, Еди Мука, Наталија Пауниќ, Линда Пајц, Бојана Пејиќ, Никола Петек, Магдалена Радомска, Милица Радуловиќ, Матилде Сандларц, Милица Тракиловиќ, Адријана Транца, Јасмина Тумбас, а уредничка на ова исклучително уметничко и текстуално дело е Жива Клајндинст.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни