По повод денот на победата над фашизмот, 9 мај, што е воедно и последниот ден од изложбата „Црвеното училиште“ на Дубравка Угрешиќ, Контрапункт (Скопје) во рамки на КРИК 09 со наслов „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“ и Мултумедијалниот институт (Загреб), во 19:30 во КПЦ Јадро, ќе се одржи промоција на 4 книги (box-set) во авторство на авторката Дубравка Угрешиќ, а во превод на Владимир Јановски и Алек Кузмановски.
На промоцијата ќе говорат Владимир Јанковски, писател, преведувач и теоретичар на книжевноста и Петар Милат филозоф, директор на Мултимедијалниот институт од Загреб и издавач, а и близок пријател на Дубравка Угрешиќ.
Во рамки на промоцијата ќе бидат промовирани 4 книги од Угрешиќ: „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Црвеното училиште“ „Тука нема ништо!“, во превод на Владимир Јанковски и „Нарилник за вештерки“ во превод на Алек Кузмановски.
„Штефица Цвек во челустите на животот“ е можеби најпознатиот роман на Угрешиќ. Со оваа книга таа станува позната на книжевната сцена во поранешна Југославија. Во романот на постмодернистички начин, авторката иронично и духовито си поигрува со тривијалната литература градејќи го текстот како шема за кроење проследен со кројачки термини, при што графички и содржински вметнува цитати, писма и совети.
„Нарилник за вештерки“ е жанровски специфична книгата. Нејзиниот прв дел е еден вид проширена роденденска честитка од авторката упатена на својата хероина Штефица Цвек. Честитката истовремено е и осврт на четириесетте години заеднички живот и судбината на еден книжевен лик, на една книга и на една авторка. Вториот дел од книгата го сочинува долгиот разговор со теоретичарката на книжевноста и феминистка Мерима Омерагиќ.
„Тука нема ништо!“ претставува провокативен есеј во кој врз примерот на бањите и бањските лекувалишта авторката го анализира животот во постсоцијалистичка Европа и Хрватска. Некогашниот важен топос на граѓанската култура во новите историски услови станува метафора за опустошеноста на еден простор и време. Есејот е проследен со серијата фотографии на Давор Коњикушиќ, направени во неколку бањи во Хрватска,Словенија и Босна и Херцеговина.
„Црвеното училиште“ се состои од текстови и визуелни дела кои се поврзани со работата на Дубравка Угрешиќ врз неколку буквари од различни временски периоди, преку кои прави анализа на различни културолошки и идеолошки аспекти поврзани со објавувањето буквари.
Со цел да ги предизвикаме постоечките текови на производство на мисла, уметност и воопшто да им се спротиставиме актуелните текови на создавање по инерција, заеднички ќе нурнеме подлабоко во често занемарената или намерно игнорираната од доминантните политички наративи, врската помеѓу уметноста и револуцијата. Ќе го истражуваме нивното постоење во симбиоза кое ги надминува популарните историски записи, навлегувајќи во самата суштина на човечкот, неговиот општествениот равој и еволуција.
Барајќи ги врските помеѓу уметноста и револуцијата, ќе се потрудиме да произведеме уште една нит, во повеќеслојна таписерија на идеи исткаена од уметници, мислители, и разноразни престапници на популарните и доминантни наративи, кои навлегуваат во онтолошките импликации на уметничкото изразување испреплетено во револуционерен жар. Овде, уметноста не претставува само медиум за естетско задоволство или културна рефлексија, туку сила која ги нарушува воспоставените парадигми, ја испитува динамиката на моќта и ја поттикнува колективната свест кон еманципаторсите и еволутивните хоризонти. Таа нѐ принудува да се соочиме со комплексноста на нашето делување и одговорност, наведувајќи нѐ, не само да создаваме уметност што инспирира и поттикнува, туку и критички да ги испитаме етичките димензии на нашите интервенции.
Во рамките на КРИК 09 заеднички ќе истражуваме делата и живот, на различни уметници и уметнички групи, почнувајќи од животот и делото на познатата антифашистичка и феминистричка писателка Дубравка Угрешиќ, чиј живот претставува симбол на издржливост и пркос пред неволјите, неправдите и центрите на моќ, а нејзиниот пишан збор стои како светилник на надеж и отпор против системското угнетување. Оваа година сакаме заеднички да се потсетиме дека уметноста, во нејзината суштина, е катализатор за револуција – медиум преку кој можеме да замислиме и да се стремиме за поправеден, посолидарен и поемпатичен свет.
Промоцијата е во организација и пријателско партнерство помеѓу Мултимедијалниот институт МАМА (Загреб) и Контрапункт/Крик – фестивал за критичка култура
Изложбата се реализира во рамките на проектот „Периферни погледи“ (Periferal visions), соработнички проект на European Institute for Progressive Cultural Policies (Виена), Контрапункт (Скопје), kuda.org (Нови Сад), Културтрегер (Загреб), Маска (Љубљана), Мултимедијален институт (Загреб), а кофинансирано е од средствата на Европска унија – Креативна Европа.
КРИК Фестивал 09 е поддржан од AICS Tirana во рамките на „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), проект финансиран од Европската Унија кој има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.
Проектот е поддржан и од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, Канцеларијата за здруженија на граѓани на Владата на република Хрватска и Град Загреб.