Во понеделник (23. јуни) ќе се одржи читачкиот кружок за романот, во Europe House – Скопје, со почеток од 18:00 часот. Дискусијата ќе ја води Симона Трајчевска, дел од тимот на „Илика“. Следниот ден, вторник (24. јуни), во КСП Центар-Јадро од 20:00 часот, ќе биде промовиран романот „Тирза“. Промотор ќе биде поетот и преведувач Александар Маџаровски, чија рецензија за романот заинтересираните можат да ја погледнат на неговиот Јутјуб канал „Читачот“.
Според „Die Presse“ романот е „вознемирувачко и брилијантно истражување на животот на средната бела класа, зачинето со елементи на семејна драма и трилер“. Приказната го следи Јерген Хофместер, кој живее удобен живот во најелитниот дел на Амстердам, има милионска заштеда во банка, две возрасни ќерки и угледна работа во издавачка куќа. Неговите денови се лежерни и спокојни и тој се гордее со фактот дека спие мирно како бебе – освен понекогаш, кога се прашува дали е, всушност, чудовиште.