Оваа сабота во 18.30, издавачката куќа ПНВ Публикации ќе ја промовира новата стихозбирката на авторот Стефан Костоски. Промоторка на изданието ќе биде македонската авторка, преведувачка и уредничка Јулијана Величковска.
Стихозбирката е издадена во рамки на едицијата „Гравири“ на ПНВ Публикации, со поддршка на Министерството за култура и туризам.
,,Лирската реторика на оваа извонредна поетска книга поседува богата и разновидна лепеза меланхолични и емотивни искази. Поетот пишува стихови ослободени од излишни значења сведувајќи го поетскиот исказ и слика на најчиста лирска форма, на чиста поетска логика до најпрефинети душевни треперења, и низ низа нијансирани детали го истакнува суштинското во неговото поетско разбирање на животот и светот. Колку моќно делуваат следните ситхувани фрагменти: „Сакам да пишувам песна /додека сонцето изгрева над планините. // И песната треба да изгрева како тоа сонце“. Или: „Дете паѓа во водата – израснува цвет. / Прашува: ‘Што е водата’? ‒ / и продолжува да расте до небото.“ Примерите се бројни.
Станува збор за автентичен поетски глас што надоаѓа со оформен и јасен творечки капацитет. Креативната и сложена едноставност во поезијата на Стефан Костоски ја покажува и неговата јазична способност да помислиме дека така „лесно“ се доаѓа до таинственото, неспознајното, чувственото, но и реалното.” ‒ Славе Ѓорѓо Димоски.
Стефан Костоски (1991, Охрид) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје.
Автор е на стихозбирките „Гирланда“ (2020, Современост) и „Доаѓањето на музиката“ (2025, ПНВ Публикации).
Негови песни и есеи се објавени во неколку периоднични списанија. Учествувал на поетски читања на „Струшките вечери на поезијата“, на „Поетска ноќ во Велестово“ и на Скопскиот поетски фестивал, како и на „Добри гости“ во Штип. Застапен е во антологијата „Ново раѓање на зборот: Антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски (ПНВ Публикации, 2023), како и во „Метрички карван Гевгелија ‒ Охрид“.
Добитник е на наградата „Енхалон“ за 2023 година што ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата.