Во петок, во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи скопската промоција на романот ,,Татковина to go” од авторот Роберт Меѓуречан. Промотор на романот ќе биде Сашо Огненовски.
Овој роман е сага за емигрантските судбини на оние кои се разочарале од својата судбина во својата земја. Пишуван со питок стил, но со остро перо, романот ја раскажува судбината на Шимун, професор по книжевност кого семејната трагедија го испраќа на работа во Германија. Меѓуречан, како умешен и талентиран автор низ целото дејствие создава галерија од ликови чии судбини не не оставаат рамнодушни. Неколкуте раскажувачки линии на овој слоевит роман говорат за духот на цивилизацијата која умира и повторно се раѓа, за едно страдање кое е наследство од дамнина, но и за една недоумица која се однесува на доживувањето на „својата“ и „туѓата“ земја.
Сите ликови и сите судбини имаат своја болка, своја несреќа, но тие ликови имаат и една Вавилонска вистина во себеси, а таа вистина се мери со разбирањето на човекот како општествено суштество колку и да звучи сувопарно сето тоа. „Татковина to go“ со својата цврста романескна структура нè наведува да помислиме дека заминувањето е идентично на враќањето затоа што најголемиот дел од таа глаерија на ликови повторно би се вратила на своето огниште, но со ново духовно и материјално богатство.
Токму затоа ова книжевно дело во себе крие и парадигматичност која е многу продуктивна, но и многу лична. Во овие ликови и во овие настани, сакајќи или не како читатели ја препознаваме нашата желба да си заминеме некаде каде што ќе ги поправиме своите животни грешки, наследени или создадени.
„Татковина to go“ на Роберт Меѓуречан не одговара на ниедно прашање во врска со емиграцијата како болна точка на човековото битисување, туку покрај другите, ја остава отворена и дилемата: каде сме и кому припаѓаме.Тие прашања се тешки и се чини дека цивилизацијата му го подарила на човекот вечното скитање за самиот да си одговори дали неговата животна грешка е само негова или е тоа сепак колективно страдање.
Роберт Меѓуречан е роден 1969 година во Загреб. Неговиот прв роман, дрскиот антивоен памфлет „Продавам одликувања, прв сопственик“ (2008), беше номиниран на сите конкурси за книга на годината. Вториот роман „Кога јагнињата замолкнуваат во Здихово“, (2011) го продолжува книжевното пресметување со девијациите од блиското минато. Третиот роман „Крлетка за глинениот гулаб“ (2019), затвора еден вид трилогија за нашите падови во време кога нашите фудбалери хараат низ Светското првенство.
Пишува драми, сценарија, свири, компонира песни за ситни пари. Лесно се расплакува на цигански романси. Научен деснак, неговиот лев волеј сè уште е поразителен. Романот „Татковина to go“ е негов најнов роман. Живее и работи во Загреб.