Промоција на романот „Простување“ на Кица Колбе во Буква

Акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници, од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето е можно и на Балканот, ако не меѓу народите барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите

Во петок на 11 април во 20:00 часот во кафе-книжарница Буква, ќе се одржи промоција на романот „Простување“ на Кица Колбе. Со авторката ќе разговараат: Калина Малеска, Игор Анѓелков, а
настанот ќе го води: Ненад Стевовиќ

Акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници, од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето е можно и на Балканот, ако не меѓу народите барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите. Приказната покажува дека и потомците на „прогонетите“ и потомците на „прогонителите“ остануваат и самите жртви на минатото сѐ додека не се одлучат да простат и да се помират. Како и сите претходни романи на Колбе и „Простување“ се одликува со универзални хуманистички вредности и со мошне оригинален стил и израз, проникнат со суптилен лиризам.
„Простување“ од Кица Колбе во издание на „Или-или“ е извонреден роман за простувањето и помирувањето како хуманистички чин на надминувањето на траумите од војните и од прогонствата кои не ги засегаат само конкретните жртви, туку се пренесуваат и уште повеќе го усложнуваат и редефинираат идентитетот на потомците.
„Најновиот роман „Простување“, на еминентната македонска и германска прозаистка, филозофина и сликарка Кица Колбе, проникнат е од темите кои се доминантни во целиот нејзин раскажувачки опус: идентитетот, дислокацијата, меморијата, јазикот, создавањето и восприемањето на уметноста, суштинското промислување на човековата егзистенција, етичноста како еден од идеалите на човековото постоење. Инкарнирани преку ликовите, нивните животни судбини и нивните дејствувања во романот, овие теми поаѓаат од конкретното, индивидуалното, и се издигнуваат до универзалното и општочовечкото, обединувајќи ги низ густата раскажувачка постапка откривањето и соочувањето со сопствената, со наследената и со колективната траума“, стои во дел од освртот на Гоце Смилевски објавен во порталот УМНО.

Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје..
Од 1990-тата се посветува целосно на прозата, особено на романот.
Нејзини дела се: Егејци (Култура, Скопје, 1990), Снегот во Казабланка, (Три, Скопје, 2005 Магор, Скопје, 2007), Жените Гаврилови (Табернакул, Скопје 2008, Или-Или, 2021), Река во наследство, Ein Fluss als Erbe, ( Скопје и Лангенфелд, 2009), Витезот и Византијката (Или-Или, 2020), Земја на бегалци (Или-Или, Скопје, 2018, 2023). Снегот во Казабланка е добитник на наградата Роман на годината 2006 а Жените Гаврилови во 2009 година е номиниран за наградата Балканика.
Кица Колбе последниве години е редовен колумнист во Дојче Веле.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни