Во петок на18. октомври во Културно информативен центар (КИЦ) со почеток од 19:19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Едно тело, илјада избори – водич за исхрана базиран на факти“ на Александар Дренковски .
Со мудрост, хумор и здрава доза скептицизам упатена кон најновите трендови на исхрана, „Едно тело – илјада избори“ објаснува сѐ, од еволутивните корени на нашите инстинкти до современите предизвици во исхраната. Запазувајќи ја индивидуалната варијабилност во апетитот и сложениот танц на хормоните и метаболизмот, оваа книга ви дава насоки за пронаоѓање на шемата на исхрана што најдобро функционира за вас. Ова не е само уште една кето-палео-безглутенска-кросфит-еднорог диета, туку водич за интуитивен и одржлив начин на исхрана. Оваа книга ги предизвикува сите догматски тврдења и се служи исклучиво со факти.
Александар Дренковски, авторот на ова дело, се бави со фитнес и здрава исхрана од своите 23 години кога ја започнува својата кариера како фитнес тренер. Една година подоцна тој го основа фитнес студиото ,,Кинетикс“ кое работи со полн капацитет и ден денес. Веќе 10 години интензивно работи со клиенти со цел да успеат да ги променат своите навики и преку поздрав животен стил да стекнат подобро здравје. Обликувано од спој на логично расудување, толкување и синтеза на доказите кои се достапни, зачинети со неговите лични искуства, Александар Дренковски го споделува негово знаење и искуство во „Едно тело – илјада избори“.
На самиот настан, промотор на книгата ќе биде Д-р Александар Митов, кој е магистер па јавно здравје на кипарскиот институт на Harvard School of Public Health како валедикторијан, со највисок просек во генерацијата (3,9/4) а потоа завршува и магистерски студии за животна средина во Кембриџ, Велика Британија, како член на престижниот колеџ St. John’s и стипендист на фондацијата Пексим.
Со уплата од 900 денари на трансакциска сметка на НВО Акација, со цел на ознака – донација, можете да си ја резервирате книгата и да се осигурате дека ќе добиете копија на евентот.
Сите собрани средства од промоцијата на книгата НВО Акација ќе ги донира во ЈУ Детски дом ,,11 октомври“.