Во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва, во 19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Боите на мојата музика“ од Снежана Анастасова-Чадиковска и Марко Коловски. Книгата, издание на „Музички издавачки центар“, е приказна за животниот и творечкиот пат на Анастасова-Чадиковска, истакната пијанистка, пијано педагог, музички публицист, аниматор и организатор.
Книгата започнува од раното детство на Снежана и првите среќавања со музиката, опишувајќи настани кои ја одбележуваат нејзината кариера, но и нејзиниот личен живот, се до добивањето на некои од највисоките национални признанија за културни, музички и педагошки достигнувања. Ова низа од лични спомени и децениски случувања, поткрепена со бројни фотографии, а опишани од аголот на уметникот и музиколог, Марко Коловски, ја збогатуваат националната музичко-културна архива, носејќи значење за македонската музичка и културна сцена, воопшто.
Промотори на книгата се Илинденка Петрушева, филмолог, филмски критичар, историчар на филмот, есеист и Александар Трајковски, музички теоретичар, истражувач, педагог и публицист.
Модератор на промоцијата е Милчо Јованоски, директор на библиотекате „Григор Прличев“ во Охрид, новинар и публицист, а водителка на настанот е Наташа Попоска-Карче, сликар, уметник, стоматолог.
По промоцијата следи Концерт на камерниот оркестар на Музичката Младина на Македонија (МММ) ,,Сашa Николовски – Ѓумар” со почеток во 21.00 часот во црквата Св. Софија.