Омнибустопија 6 ќе го промовира албумот на Јордан Костов во живо, со невообичаена постава на 5 ноември, вторник, во Салон 19:19, во 21 часот.
„Ќе слушате слободни импровизации на трите теми од албумот, а можеби и нешто плус… Ажурирајте ги календарите: ова не е за пропуштање. Јордан Костов не свири пијано толку често. Уште поретко во Македонија“ велат организаторите.
Јордан Костов ќе настапи со Nick DeCarlo и Дарио Циевски.
Јордан Костов е македонски хармоникаш, пијанист, композитор, импровизатор и аранжер. Тој е немирен глобтротер кој се обидува да ја надмине конвенционалната креативна комуникација со различните светски музики. Најчесто слободна во поглед на формата, музиката на Костов се движи низ и отаде рамките на џез и различните светски музики и таа честопати се опишува како авангардна, надреална, психоделична, церебрална, ориентална и/или балканска џез фузија, ориентален фолк џез итн. Свири соло, во мали џез состави, биг бендови и ансамбли, со невообичаени инструментариумски комбинации.
По настапите низ Балканот, Европа и САД, пресвртница во неговата кариера претставуваат неговите зачестени патувања низ Далечниот Исток (Кина, Јапонија, Виетнам…), во рамките на кои тој го гради својот препознатлив израз. Овие патувања, заедно со еволуцијата на неговиот музички израз, сѐ уште траат…
Nick DeCarlo своето музичко образование го започнува на 5-годишна возраст. Во текот на своето образование свирел бројни концерти со познати музички групи низ Америка, Германија, Австрија и Македонија. Свири на еуфониум, тромбон, туба, баритон и тенор саксофон, кавал… Има способност да се вклопи во речиси секој вид на состав, а особено ужива да свири „тешка“, фри импров музика. Има настапувано со голем број ансамбли во Македонија, вклучувајќи ги оркестарот на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Градскиот дувачки оркестар на град Скопје и на град Штип, Brass Brothers, Јордан Костов идр. Во САД има настапувано со California Feetwarmers, Killsonic, Firebrass Orkestar, Free Range Orkestar, Petrovic Blasting Company, Arizona State University Marching Band, UCLA Video Game Ensemble, Santa Monica Community Band идр.
Дарио Циевски е самоук тапанар роден 1995 година. Страста кон инструментот ја октрива на 16-годишна возраст и од тогаш почнува да се гради како музичар. Има завршено психологија и моментално се обучува да стане психотерапевт. Дел е од неколку домашни бендови и проекти: Vagina Corporation, Алембик, Кокиче, Junе и уште неколку проекти базирани на импровизација. Тапаните ги гледа како екстензија на јазикот, а истражувањето на нивниот вокабулар му овозможува да се изрази низ музиката која ја свири.