На 17 декември, во Салон 19.19 при Културно-информативниот центар во Скопје, се одржа промоција на двете книги на Валентин Нешовски – „Конфликт, мир и медиуми“ и „Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“. Две книги што на прв поглед припаѓаат на различни светови – едната строго аналитичка и научна, другата научнофантастична и метафизичка – но кои во суштина се среќаваат во истата точка: прашањето за човекот, неговата одговорност и неговата иднина.
„Книгите се за нас, за човештвото, за оваа турбулентна и тензична актуелност и за тоа од каде доаѓаме и каде одиме“, рече Нешовски во своето обраќање. Научната фантастика, како што истакна, за него не е бегство од реалноста, туку наративна подлошка во која се сместуваат факти, научни хипотези, филозофски дилеми и егзистенцијални прашања. А „Конфликт, мир и медиуми“ е, од друга страна, резултат на долгогодишно професионално и лично соочување со постконфликтните општества и со улогата што медиумите ја имаат – или треба да ја имаат – во нив.
Од теорија до прашање на опстанок

За научната студија „Конфликт, мир и медиуми“ говореше проф. д-р Ана Чупевска, редовен професор на Институтот за политички науки при Правниот факултет „Јустинијан Први“. Таа потенцираше дека книгата одамна ја надминала својата академска природа и денес се чита како предупредување.
„Денес, додека сведочиме на тектонски поместувања во светскиот поредок – од војната во Украина која ја прецртува мапата на Европа, до длабоките хуманитарни кризи на Блискиот Исток – анализите на Нешовски за ’човековата безбедност‘ престануваат да бидат теорија и стануваат прашање на опстанок“, нагласи Чупеска.
Таа укажа дека живееме во време на „поликризи“, во кое светот е распукан од поларизација, говор на омраза и враќање на милитантниот јазик. Во таков амбиент, улогата на медиумите е клучна, но и драматично проблематизирана. „Во ера на вештачка интелигенција и хибридни војни, каде вистината е првата жртва, фокусот на улогата на медиумите е вистински крик за разум“, истакна таа, предупредувајќи дека медиумскиот простор сè почесто се користи како бојно поле, каде наместо мостови за мир се копаат ровови на омраза.
Според Чупевска, силата на книгата лежи во потсетувањето дека геополитиката не е апстрактна шаховска табла на големите сили, туку збир на човечки судбини, и дека безбедноста – или е универзална, или не постои.

Кафеана каде универзумот сам со себе расправа
Ако првата книга на Нешовски наречена „Една Книга“ е строг разговор за светот каков што е, а втората, по ред, ни ја донесе „Последната мисла во универзумот“, сега „Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“ е обид тој свет да се види од перспектива надвор од времето, телото и биолошката ограниченост.
Комуникологот и писател Миле Бошњаковски, осврнувајќи се на романот, истакна дека Нешовски не пишува за да избега од реалноста, туку за да ѝ направи „заседа“, да ја збуни и да ѝ ја најде грешката во кодот.
„Ако со една реченица треба да се каже што е оваа книга – тоа е место каде што универзумот седнува на маса со самиот себе и не е сигурен кој ќе плати на крајот“, рече Бошњаковски.
Во таа кафеана, фискалната сметка ја носи Големиот архитект – универзалното битие кое им нуди избор на јунаците, но и на читателите. „’Слободата создава светови, но љубовта е таа која ги чува‘ – со оваа мисла Нешовски нè става пред конечен избор: можете да ја изберете слободата, но тогаш мора да ја оставите љубовта“, нагласи Бошњаковски, посочувајќи дека токму оваа дилема го прави романот длабоко вознемирувачки и етички релевантен.
На почетокот беше информацијата
Со силен философски и теолошки тон, за романот зборуваше и Отец Теофан (Мијалковски), кој делото го опиша како повеќеслоен текст – истовремено философски трактат, антрополошки спис, теолошка полемика и футуристички манифест.
Тој се задржа и на поднасловот на книгата, каде Нешовски провокативно ги преиначува првите зборови од Евангелието според Свети Јован од „На почетокот беше зборот“ во „На почетокот беше информацијата…“.
„Не случајно е избран токму овој библиски автор, кој во првата своја книга – Евангелието зборува за почетокот, а во Откровението – преку симболички јазик – за крајот на светот“, истакна Отец Теофан.

Според него, авторот „создава небесен мизансцен во кој ги поништува просторот и времето, водејќи нè низ интергалактичка пустоловина – од теоретски познатите пространства, до она што може да се нарече ’погледот на Господ‘“. Визијата за спасување на човештвото од самото себе, преку утописки мир и прогрес, но и вештото сликање на неговиот крај, ја оцени како една од најоригиналните апокалиптични претпоставки во современата книжевност.
Особено беше истакнат ликот на Дон – архетипски волк-самотник и персонификација на едно колективно „ние“, кое и покрај сè, тврдоглаво се одлучува да постои. Хуманизмот што провејува низ страниците, според Отец Теофан, ја проширува Рациновата мисла „куќа цел свет братски ми е“ во „куќа – цела галаксија ми е“, надграден со универзален музички јазик во кој одекнуваат Пинк Флојд, Чарли Паркер, Џон Колтрејн и Мајлс Дејвис.
“За крај не случајно го избрав Хемингвеј. Запрашан да ја објасни разликата во пишувањето како новинар и книжевник, ќе каже:
“Новинарот работи за утрешниот ден, а писателот за бесмртноста…Но утрешниот ден е извесен, а бесмртноста не е….“ Нешовски со трилогијата пополека си го поплочува патот кон бесмртноста, заклучи Отецот.
Две книги – еден разговор
Промоцијата помина во атмосфера што повеќе наликуваше на интелектуален, но непретенциозен, близок разговор отколку на класичен книжевен настан – ненаметлив, длабоки и човечки за теми како што се медиумите и мирот, но и за слободата, љубовта и судбината на човештвото.
Разговорот се одвива во универзум кој сè почесто личи на голема, бучна кафеана.
