Промоција на „Сам во рој“ од Иван Дричко – приказна за различноста и хуманоста

Нов детски роман на Иван Дричко ќе биде претставен во рамките на „Денови на литературата“, со промотори Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски.

Романот за деца „Сам во рој“ од Иван Дричко ќе биде промовиран в четврток (19 февруари) во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“, во рамките на манифестацијата „Денови на литературата“.

Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и влезе во потесниот избор за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2025 година. На промоцијата ќе говорат уредничката Оливера Ќорвезироска и писателот Ермис Лафазановски, добитник на наградата „Оливера Николова“ за 2025 година.

„Сам во рој“ раскажува за Љубомир од Скопје, кого сите го викаат Буба – дете што својата страст кон инсектите ја претвора во свет на знаење и утеха, во отсуство на пријателства. Приказната се движи низ темите на осаменоста, различноста и храброста да се биде свој, дури и кога тоа значи „летање спроти ветрот“.

Романот е опишан како благ, но јасен одговор на повеќе горчливи прашања на современото време, нудејќи перспектива дека знаењето и добрината се најсилна заштита од предизвиците. Ликот на Буба ја носи пораката дека различноста не е слабост, туку вредност што може да инспирира и да поврзува.

Иван Дричко е псевдоним на Сашо Кокаланов, новинар, романописец и драмски автор. „Сам во рој“ е негова втора книга за деца, по сликовницата „Непотизам“, објавена во едицијата „Големи зборови за мали уши“.

Промоцијата е отворена за сите љубители на детската литература, родители и млади читатели кои сакаат да се запознаат со нова приказна што зборува за хуманост, прифаќање и силата на знаењето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни