Промоција на книгата „Она што се памети живее“ во ДПМ

Збирката раскази посветена на споменот на македонските писатели ќе биде промовирана на 26 декември, со учество на автори и музички настапи

Во просториите на Друштвото на писателите на Македонија, на 26 декември 2025 година, со почеток во 18:00 часот, ќе биде промовирана книгата Она што се памети живее (со поднаслов „Никогаш докрај раскажани приказни“) – збирка раскази посветена на споменот на автори, поети и писатели, поранешни членови на ДПМ, чие творештво оставило трајна вредност во македонската култура.

Со оваа промоција, Друштвото на писателите на Македонија симболично ќе ја заокружи својата работа во текот на 2025 година, одбележувајќи ја преку издание што го афирмира сеќавањето како чин на културна одговорност и континуитет.

Во книгата се застапени раскази од девет истакнати македонски автори: Адем Абдулаху, Фима Клетникова, Александар Кујунџиски, Јелена Лужина, Снежана Младеновска-Анѓелков, Огнена Никуљски, Диме Ратајкоски, Гордана Михаилова-Бошнакоска и Влада Урошевиќ. Разговорите со авторите ќе ги води Катерина Богоева.

Настанот ќе биде отворен со настап на гудачки квартет составен од музичари од Факултетот за музичка уметност – Скопје: Бојана Митковска и Марија Ристовска на виолина, Виктор Манев на виола и Сара Илиевска на виолончело. Вечерта ќе ја заокружи настапот на реномираниот гитарист Петар Ренџов.

Во поговорот на изданието, приредувачот Живко Грозданоски ја опишува книгата како „еден голем, бесконечен мозаик“, во кој расказите функционираат како тесери што го сочинуваат заедничкото културно тло. Притоа, сеќавањето на автори како Блаже Конески, Стале Попов и други корифеи се поставува како темел врз кој се гради современото книжевно наследство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни