„Рисима“: Промоција на монографијата посветена на македонската пионерка на современиот танц

Новото издание на „ПНВ Публикации“ ја слави 45-годишната кариера на кореографката Рисима Рисимкин.

Во среда, на 3 декември од 19 часот во „Јавна соба“ во Скопје ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска — луксузно издание посветено на една од најзначајните фигури во македонската танцова уметност, кореографката Рисима Рисимкин. Книгата, објавена од „ПНВ Публикации“ со поддршка од Министерството за култура и туризам, претставува прв ваков обемен документарно-уметнички запис за творештвото, влијанието и наследството на Рисимкин.

Промоцијата ќе ја води Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“, преку разговор со авторката и со Рисимкин. На 180 страници, изданието ги опфаќа клучните моменти од 45 години професионален пат — од првите години како балерина, преку соочувањето со ограничувањата на традиционалниот балет, до трансформацијата во највлијателната македонска кореографка за современ танц.

Рисимкин, годинава одликувана со високото признание „Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите“, претставува фигура со меѓународен углед, чие творештво остави траен белег на домашната и европската танцова сцена. Низ нејзината работа минале генерации млади танчари и кореографи, а преку програмите што ги основа, постави стандарди за современа танцова едукација во Македонија.

Монографијата содржи и богата фотографска архива: сцени од претстави, портрети, моменти зад сцената и документирани настапи низ светот. Меѓу авторите се Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Антонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски. Овие архивски записи, заедно со личните забелешки и обраќања на Рисимкин, создаваат интимен увид во нејзините процеси, избори и уметнички премини.

„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето“, напиша критичарката Мирјана Радочевиќ во „Политика“ уште во 2003 година — опис што и денес соодветно го доловува профилот на уметничката.

Монографијата „Рисима“ е значајна не само како документ, туку и како сведоштво за една естетика, за раѓањето на современиот танц во Македонија и за женската авторска сила во уметноста. Во фокусот е творештвото што ја издигна Рисимкин до европските театри, вклучувајќи го и нејзиното историско гостување во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз.

Во изданието е претставен и богатата биографија на Јасна Франговска — новинарка, уредничка и раскажувач со повеќедецениска кариера во македонските медиуми. Со својот препознатлив стил, таа ја структурира монографијата како наратив, а не како сув каталог на факти, носејќи топлина, длабочина и „човештво“ во патот на една уметница.

Промоцијата во „Јавна соба“ е културен настан што го слави македонскиот современ танц, женското авторство и континуитетот на уметничкото образование — вредности што се сѐ поретки, но суштински за развојот на националната култура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни