Симон Калајџиев е уметник и футурист од Скопје кој живее и работи како професионален илустратор во Токио, Јапонија. Има работено како независен илустратор и графички дизајнер за многу различни проекти, вклучувајќи: филмови, списанија, реклами, учебници, веб-сајтови, и фестивали. Бил инструктор за цртање стрип и еден од основачите на стрип работилницата во НВО Погон Скопје, 2002-2006. Уредник е и на стрип магазинот Comicus Magnus во издаваштво на истата организација. Тој е добитник на повеќе престижни награди од полето на архитектонската илустрација. Меѓу позначајните изданија, автор е на арт-зборникот „Верлосен“ (2023) и експерименталниот графичко-книжевен проект за асемичко пишување „Öлпест“ (2025).
Белкис Аксу е илустраторка што потекнува од Измир, Турција, а веќе неколку години живее и работи во Скопје. Периодов работи на графичкиот роман, „Всушност, нејзиното лице е прекрасно“ заедно со Дерија Атлас. Дополнително, Аксу илустрира детски книги и атласи, објавува месечен билтен во вебкомик формат, предава на работилници за илустрација, а организира и клуб за графички романи заедно со Атлас. Работи во Јуфи Арт студиото во Дебар Маало со уште двајца уметници.
Стрип Трип 2025 е меѓународен фестивал на стрипот што ќе се одржи во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје од 6-8 јуни 2025. Главна цел на фестивалот е промоција и популаризација на македонскиот и светскиот стрип. На фестивалот ќе бидат претставени најновите достигнувања и иновативни изрази во деветтата уметност и сродните креативни индустрии. Воедно, ќе бидат претставени стриповите на најмладата генерација на стрип автори. Фестивалот ќе биде отворен за сите посители.