Бројот на млади во земјава, меѓу два пописи на населението (2002 и 2021 година) се намалил за 6%. Или во апсолутни бројки, приближно 77.000 млади луѓе се отселиле од Македонија во овие 19 години. Или уште попластично, речиси една Битола, заминала да живее на друго место, во други држави. Проблемот е актуелен подолго време, а потребата од преземање конкретни чекори е поголема секој ден. За ова не е доволно да реагираат само властите, без разлика дали се национални или локални, за ова е потребен одговор од целото општество.
Водени токму од овие потреби, се здружија девет општини од Пелагонискиот регион и девет граѓански организации предводени од здружението ПроЛокал од Битола. Ги обединија силите за да го фатат „последниот воз“ и да се обидат да го намалат или дури и запрат иселувањето на младите од нивниот регион.
Тргнаа од причините за иселување. Направија анкета со 500 млади, а на повеќе од 170 млади им овозможија да се вклучат во мапирањето на областите во кои сакаат да направат подобрување. ПроЛокал и партнерите ја создадоа првата Регионална платформа за млади. Таа е иновативен механизам за идентификување и решавање на младинските потреби. Работата на Платформата се базира на здружување на општинските ресурси и оние на граѓанските организации. Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас ја поддржа оваа иницијатива.
Речиси една година по здружувањето на сите засегнати страни, можеме да посведочиме дека работите се движат во добра насока. На основа на придонесот на младите и користењето на други исто така релевантни извори на информации, подготвени се секторски анализи во три мапирани области и тоа: локален економски развој, животна средина и здравствена и противпожарна заштита. Тие беа презентирани во февруари за време на третата средба на Регионалната платформа за млади во Офицерскиот дом во Битола. За нив разговараа и гласаа девет градоначалници и девет граѓански (ГО). „Нам кои се занимаваме со политика ни е јасно дека младите имаат силна недоверба кон институциите и за нив тезата дека системот се менува однатре е речиси недопирлива и затоа помалку од 18 проценти од младите се вклучени во носење одлуки на локално ниво. Сакаме да го зголемиме овој процент, да креираме заедно атрактивни и достапни можности за унапредување на младинските состојби, почнувајќи од современата едукација, културна инфраструктура, јавениот транспорт да биде безбеден и да одговара на движењето на младите“, рече Тони Коњановски, градоначалник на Битола. Посветеноста кон подобрување на состојбата ја демонстрираа и околу 80 учесници на настанот кои внимателно ги слушаа решенијата и препораките за трите области.
Граѓанските организации како застапници на младите во соработка со локалните власти ќе реализираат младински политики скроени според потребите на младите. „Анкета покажа дека менталното здравје е проблем број еден во регионот, во руралните места и во градовите. Младите, во повеќе од десетина предлог-мерки, предлагаат да се креира Меѓуопштинско онлајн советувалиште за ментално здравје“, вели Емилија Геровска, претседателка на ПроЛокал. Александар Лемановски од секторската група од Општина Ресен посочи дека менталното здравје е релевантен проблем помеѓу младите и дека службите (педагошко-психолошки во училиштата) би било корисно да се фокусираат на поддршка на учениците, a со родителите да се работи на нивна едукација како би осигуриле дека младите ќе ја имаат целосната поддршка. Овој предлог ќе се реализира преку Регионалната платформа за млади.
Платформата им овозможува на сите девет општини со свои средства да учествуваат во ангажирање на најмалку 3 лиценцирани психолози кои во смени ќе бидат достапни за онлајн комуникација и поддршка на младите 24/7. Општините се согласни да одвојат средства од буџетот за оваа намена и да и ги дадат на располагање на Платформата. Платформата ја спроведува постапката за ангажирање на психолозите. Граѓанските организации го популаризираат Меѓуопштинското онлајн советувалиште за ментално здравје. По една година, организацијата од која произлегла оваа идеја, прави оценка на функционирањето, колку било користено советувалиштето, каков е фидбекот од корисниците, каков е фидбекот од општините. На овој принцип, општините се согласни да ги реализираат препораките од секторските анализи. На овој начин, младите учествуваат во креирањето политики, ги јакнат своите вештини за комуникација и застапување пред локалната самоуправа и заедно ги решаваат проблемите кои директно ги засегаат.
Градоначалниците на Крушево, Томе Христоски и на Прилеп, Борче Јовчески, се осврнаа на општинските ингеренции кај дел од посочените теми и побараа поголема координација и со националните власти. Градоначалникот Коњановски ги повика младите да прават поголем притисок врз институциите за да делуваат во спроведување на младинските политики.
Предлози за заедничко постапување на локалните власти и граѓанските организации преку Платформата има и во областа на животната средина. Ова вклучува три пилот проекти: еден, за управување со отпад во училиштата; уште еден кој би се реализирал во партнерство со образовните институции и бизнис заедницата со примена на циркуларна економија и третиот, кој подразбира креирање едукативни кампањи на терен и реализација на еко акции. За Марија Евтимовска од ЕКО Герила Преспа сите овие мерки се апликативни и се практикувани во Општина Ресен. И младите од Крушево потврдија дека предложените мерки ќе делуваат едукативно на младите во примената на правилна селекција на отпадот и рециклирање.
„Младите треба да играат клучна улога во обликувањето на својата иднина. Мора да продолжиме со поддршка на демократијата и да им овозможиме да бидат активни учесници во процесите на донесување одлуки“, истакна Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, која ја следеше дебатата на младите и локалните власти. Таа истакна дека Швајцарија ќе продолжи да го поддржува овој процес преку програмите за развој и вклученост на младите.
Платформата е доказ дека младите не само што бараат туку и активно делуваат за да донесат промени во заедницата. Благодарение на нивниот отворен пристап, со споделување на реалните проблеми, може да се стигне и до решавање на еден од клучните проблеми – до намалување на иселувањето на младите од земјата. Оваа средба ги охрабри младите од Пелагонија затоа што добија едногласна поддршка на сите предлози која ќе биде проследена со конкретни чекори. Веруваме дека ова е начинот на кој може да ја охрабриме младата генерација повеќе да се вклучува во општествените процеси, особено оние кои ја засегаат директно.
Текстот е превземен од https://civicamobilitas.mk/