Промените на годишните времиња можат да влијаат на психичкото здравје

Сезонско афективно пореметување (САП) е форма на депресија поврзана со промените на годишните времиња, која најчесто се јавува во есен и продолжува низ зимските месеци, предизвикувајќи намалување на енергијата и влошување на расположението.

Симптомите на ова пореметување обично се појавуваат и завршуваат во приближно ист период секоја година. Иако честопати се меша со „зимска депресија“ или привремена потиштеност, САП е признато медицинско пореметување кое бара внимание и, доколку е потребно, стручна помош.

Клиниката Мејо предупредува дека овие чувства не треба да се игнорираат или да се обидуваме да ги надминеме сами.

Симптоми на сезонско афективно пореметување

Повеќето лица ги чувствуваат првите симптоми во есен, кои продолжуваат во текот на зимата, но кај некои луѓе пореметувањето може да се појави и во пролет или лето. Симптомите може да бидат благи на почетокот, но со текот на времето се засилуваат.

Најчести симптоми се:

  • чувство на тага, безволност или потиштеност во текот на повеќето денови
  • губење интерес за активности што порано ве радувале
  • намалена енергија и чувство на замор
  • потешкотии со спиењето – често прекумерен сон
  • зголемена желба за храна богата со јаглехидрати, прејадување и добивање тежина
  • проблеми со концентрацијата
  • чувство на безнадежност, вина или безвредност
  • негативни мисли или желба за повлекување од секојдневието

Разлики меѓу зимскиот и летниот САП

 „зимска депресија“ најчесто се манифестира со:

  • прекумерно спиење
  • зголемен апетит и желба за слатка или тестенаста храна
  • добивање на тежина
  • постојан замор и недостаток на енергија

Летниот САП („летна депресија“) може да предизвика:

  • несоница
  • губење на апетит
  • намалување на телесната тежина
  • немир, анксиозност и раздразливост

Врската со биполарното пореметување

Кај лицата со биполарно пореметување, сезонските промени може да влијаат врз интензитетот на маничните или депресивните епизоди – на пример, манични симптоми во пролет и лето, а депресивни во есен и зима.

Кога да побарате стручна помош

Нормално е повремено да се чувствувате безволно, но ако состојбата трае повеќе денови, а мотивацијата и енергијата опаѓаат, важно е да се консултирате со лекар или психотерапевт.
Посебно е важно да побарате помош ако забележите промени во спиењето и апетитот, ако користите алкохол за подобрување на расположението или имате чувство на безнадежност.

Раното препознавање на симптомите и навремената поддршка се клучни за одржување на стабилно психичко здравје во текот на целата година.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни