„Променете го курсот сега“: човештвото ја промаши целта од 1,5°C

Човештвото не успеа да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови и мора веднаш да го промени правецот, предупреди генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во единственото интервју пред претстојниот климатски самит COP30.

Во разговор за The Guardian и амазонската медиумска платформа Sumaúma, Гутереш изјави дека пречекорувањето на целта поставена со Парискиот климатски договор е „неизбежно“ и дека тоа ќе има „разорни последици“ за планетата.

„Да признаеме дека не успеавме“

„Вистината е дека не успеавме да избегнеме пречекорување над 1,5°C во следните неколку години. Последиците ќе бидат катастрофални – губење на шумите во Амазонија, топење на глечерите во Гренланд и Антарктикот, умирање на коралните гребени“, изјави Гутереш.

Тој предупреди дека, ако не се преземат драстични мерки, светот ризикува да ги надмине таканаречените „точки на пресврт“, кои би можеле да предизвикаат неповратни промени во климатскиот систем.

„Мора итно да го смениме курсот за да го направиме пречекорувањето што е можно пократко и со најмала можна интензитет. Не сакаме Амазонија да се претвори во савана — но тоа е реален ризик ако не ја намалиме емисијата на јаглерод веднаш,“ предупреди тој.

Најтоплата деценија во историјата

Изминатите десет години беа најтоплите забележани досега. И покрај бројните научни предупредувања, обврските на владите се далеку од доволни. Помалку од една третина од земјите-членки на ОН (62 од 197) ги доставиле своите национални климатски планови, познати како НДЦ (Nationally Determined Contributions).

САД под администрацијата на Доналд Трамп се повлекоа од процесот, Европа заостанува со спроведувањето на своите обврски, а Кина — најголемиот загадувач — е обвинета за недоволна амбиција.

„Од плановите што ги имаме досега, предвиденото намалување на емисиите е околу 10%. За да останеме под 1,5°C, потребно е најмалку 60% намалување,“ изјави Гутереш. „Затоа пречекорувањето сега е неизбежно.“

Сè уште има надеж

И покрај тоа, генералниот секретар не ја отфрла целосно можноста за враќање под прагот од 1,5°C до крајот на векот, доколку се постигне глобален пресврт на COP30 и во годините потоа.

Тој повика владите да го „ребалансираат“ присуството на климатските конференции, така што поголем глас ќе имаат граѓанските организации и домородните заедници, а не корпоративните лобисти.

„Сите знаеме што сакаат лобистите — да ги зголемат своите профити, со цената што ја плаќа целото човештво,“ рече Гутереш.

Крајот на ерата на фосилни горива

Гутереш нагласи дека енергетската транзиција кон обновливи извори е неизбежна и во економски интерес на сите држави:
„Гледаме револуција на обновливите извори. Ерата на фосилните горива завршува — човештвото нема да може да ја искористи целата нафта и гас што веќе се откриени.“

На прашањето дали разговарал со бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, ч чија влада неодамна одобри нови истражувања за нафта во близина на Амазон, Гутереш одговори:
„Сè уште не. Ќе ја искористам конференцијата COP за тоа.“

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни