Пролетно чистење во неколку лесни чекори што ќе ви заштедат време

Мал план, добра организација и вистински средства – и домот ќе заблеска побрзо отколку што мислите

Пролетното чистење, како што и самото име кажува, претставува темелно освежување на домот во пролетниот период. Тоа не е само вообичаено бришење прашина, туку детално средување на сите простории, плакари и оние агли што во текот на годината ретко добиваат внимание.

За процесот да биде поефикасен и помалку стресен, најдобро е да започнете со јасен план. Направете кратка листа со задачи и распоредете ги во текот на неколку дена или викенди, наместо сè да оставите за еден ден. Така ќе избегнете замор и површно чистење.

Пред да започнете, подгответе ги сите потребни средства. Освен класичните препарати за стакло, дезинфекција, одмастување и отстранување каменец, можете да користите и природни алтернативи како оцет, сода бикарбона и лимон. Тие се поеколошки, поекономични и често подеднакво ефикасни.

Секогаш започнете со потешките задачи. Кога ќе ги решите најобемните обврски, остатокот од работата ќе оди многу полесно. Чистете просторија по просторија и посветете внимание на сите детали – од кујнските апарати и внатрешноста на елементите, до бањата, прозорците и подовите. Искористете ја приликата да ја проверите храната во оставата и да ги отстраните производите со истечен рок.

Не ги занемарувајте малите, но важни детали. Освежете ги перниците и теписите, исчистете ги светилките, рамките за слики и работната маса. Средете ги фиоките и внатрешноста на машините за перење и сушење. Организирајте ја оставата со кутии и ознаки, за сè да биде прегледно и функционално.

Пролетта е идеално време и за средување на плакарите. Заменете ја сезонската гардероба, одвојте ја облеката што повеќе не ја носите и донирајте ја. На овој начин не само што ќе ослободите простор, туку ќе внесете и чувство на свеж почеток.

Доколку живеете со семејство, вклучете ги и останатите членови во процесот. Поделбата на обврските го прави чистењето побрзо, полесно и поатмосферично.

Пролетното чистење не мора да биде напорно ако пристапите организирано и постепено. Со малку планирање, домот може да заблеска, а вие да ја дочекајте новата сезона со повеќе леснотија и ред.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни