Никола Кимовски е назначен за в.д. директор на МНТ, каде што работи од 2007 година. Тој дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на отсек продукција, во 2021 година. РСМ НУ Македонски народен театар – Скопје, НУЦК „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, Велес, Црногорско народно позориште и германскиот Театар „Фрајбург“ се дел од театрите со кои Никола Кимовски има соработувано. Во неговата кариера соработувал со режиерите Синиша Евтимов, Златко Славенски, Васил Христов, Срѓан Јаниќијевиќ, Љубиша Георгиевски, Љубиша Ристиќ, Санди Лопичиќ, Ѓорѓи Јолевски, Леван Цуладзе, Александар Поповски, Слободан Унковски, Дејан Пројковски, Андриј Жолдак, Зоја Бузалковска и многу други. Кимовски има работено и како втор режисер или асистент режисер, кастинг-директор и локациски менаџер на филмовите: „Мерсал“ (2017), „Заб“ (2018) и „Скопје ремикс“ (2012). Извршен продуцент е на краткометражниот филм „Заб“ (2018) во режија на Ајдин Ислами, а главен дистрибутер на филмот „Нешто слатко“ (2023) во режија на Тин Водопиец.
Трн: Раководењето со Македонскиот народен театар е сериозен предизвик. Која е твојата визија за оваа установа во сезоните кои доаѓаат? Каде ќе биде програмскиот фокус на МНТ
Никола: Македонскиот народен театар е најстарата, најголема и најдобра театарска институција во Македонија, која зад себе има многу значајна историја и огромни достигнувања во културата од национален интерес, затоа раководењето со овој театар е сериозен предизвик кој за мене претставува неверојатна инспирација и мотивација во секојдневното менаџирање на оваа институција. Мојата визија е дека раководењето со овој театар може да доведе до извонредни резултати од заедничката имагинација на секој вработен во овој театар. Македонскиот народен театар ги има најдобрите актери, во него работат едни од најдобрите режисери, драматурзи, сценографи и костимографи во регионот, располагаме со извонредна и професионална администрација, и се разбира МНТ има една од најдобрата сценска техника и сценски техничари. Сите се врвни професионалци, секој во својата област. Досегашното менаџирање со овој театар, мене лично секојдневно ми покажува кои сме, колку можеме, какви сме биле во минатото и какви можеме да бидеме во иднина. Мојата визија ќе ја исполниме со претстави кои се од светски ранг, со освежување на сопствената продукција, обновување на ансамблот, санација на театарот, како и со истражување на прогресивни правци и форми кои ќе нѐ однесат на повисоко ниво или на исто рамниште со најдобрите театри во Европа. Програмскиот фокус е во негување на македонската драма, во поставување на значајни класични и модерни драми кои мора и треба секој национален театар да ги има во својот репертоар како и во реализација на гостувања и турнеи преку кои Македонскиот народен театар ќе оствари национален дострел со учество на најзначајните театарски фестивали во светот.
Трн: Ја отворивте летната сцена „Славиша Кајевски“ и театарот излезе надвор во јавниот простор, тоа е новост во перципирањето на улогата на МНТ. Дали веќе почнавте да размислувате на следната сезона на летната сцена?
Никола: Идејата за отворањето на летната сцена „Славиша Кајевски“ е стара и заедничка со мојот покоен и драг пријател Славчо, и затоа дојде спонтано или веднаш по моето назначување како в.д. директор на најголемата национална театарска куќа во нашата земја. Поточно инспирацијата се случи во јули 2024 година, каде што јас и мојот веќе искусен тим, за краток временски период успеавме да го реализираме овој голем проект. Проектот беше конципиран да понуди поинаква културна содржина, каде што ќе се преплетуваат театарот и музиката.
И понатаму, како и оваа година да се даде акцент на комичните претстави, концертните настани, стендап настапи, дипломски претстави, како и диџејски настапи, сѐ со цел да се привлече поголемо внимание во однос на младата, но и да се задоволат критериумите на повозрасната публика.
Како на театарот така и на публиката ѝ беше потребна една ваква сцена, која ќе понуди нови можности и ќе биде светла културна точка во овој град.
Желбата на публиката е театарот да биде што поблиску до нивните потреби, а нам како театар ни преостанува тоа да ѝ го овозможуваме со пристапност до културата и продукцијата на театарот преку различни активности на различни сцени и простори во текот на целата година.
Трн: Се чини дека Ристо Вртев и „Архангел“ имаат веќе изграден однос и ја сакаат летната сцена, какви беа реакциите на останатите продукции и изведувачи кои настапија таму?
Никола: На самото отворање на летната сцена, се почувствува една прекрасна атмосфера во која владееше духот на сплотеност на луѓе од различни возрасти и професии на кои им е значаен културниот живот во Македонија, на кои им е значајно да се роди нешто ново во нашиот град, едно прекрасно место во кое секој може да се пронајде, но најважно од сѐ е што се создаде прекрасна симбиоза на уметниците и изведувачите со публиката. Токму затоа програмата беше разновидна и од ден на ден бројот на публиката сѐ повеќе се зголемуваше, па сцената ја исполни мојата првична цел, да кулминира со свеченото затворање со „Архангел“ еден фантастичен настап на Ристо Вртев заедно со неговиот нов бенд составен од врвни музичари, концерт на кој присуствуваа преку 800 посетители, а тие кои, за жал, не дојдоа навреме до карти, го следеа концертот од новиот мост до театарот над реката Вардар. Јас лично би го издвоил и настапот на LD Pistolero заедно со DJ Goce и R.O.N.I.N. бидејќи таму беа најмладите, новата генерација со огромна енергија во себе и нови видици, тие се мојот главен таргет како менаџер на театарот, бидејќи тоа е нашата идна публика која сакам да биде составен дел од МНТ преку нивното присуство на претставите како и во останатите активности во театарот.
Трн: Посебно внимание во јавноста привлече најавата за премиерата на „12“ на Синиша Евтимов. На една сцена, во една претстава ќе играат некои од најдобрите актери во земјава, како одат пробите и дали е тешко справувањето со дванаесетте гневни мажи?
Никола: Синиша Евтимов е режисер кој со децении прави претстави што ја полнат салата на Македонскиот народен театар, до последното место, до последниот билет, до последното помошно столче. Веќе на секого му е добро познато дека истото се случува и во останатите театри во кој Синиша Евтимов режира, на пример Театар „Комедија“. По веќе направената статистика како директор во МНТ, од продажбата на билетите продадени од неговите претстави, овој режисер на годишно ниво, носи приход од кој може да се направи барем една помала претстава, да се исплатат хонорарците или да се изврши некоја санација во театарот. За жал и покрај тие заслуги, на таквите драгоцени луѓе нашата држава често пати им нанесува голема неправда, конкретно за Евтимов од претходната управа на Министерството за култура доби мизерни средства за реализација на проектот кој првично му беше замислен за оваа година, познавајќи го, мислам дека тоа дополнително го мотивираше со тој ист мал буџет да ги собере најдобрите 12 актери во Македонија, на едно место, со одлична адаптација, бравурозен режисерски концепт и една визија која ќе биде круна на неговиот досегашен успех. Пробите одат одлично, често пати, во напорните денови мојата пауза ја правам со тоа што ќе се симнам долу на сцената и едноставно кога ќе ги погледнам сите тие извонредни актери на едно место како се „борат“ за секоја реплика, секој нареден ден се трудат да бидат сѐ подобри и во една позитивна атмосфера создаваат претстава за која долго ќе се зборува. Верувајте ми, и кога ќе ги затворам очите на тие проби, нивните гласови испреплетени во една убава хармонија создаваат посебно доживување, тоа е мојата визија за заедничка имагинација во создавање на значајни дела со добар тим. Билетите за сите изведби беа пуштени во продажба неколку дена од првата читачка проба и за неполни три дена сите изведби беа распродадени, што покажува, уште еднаш, за каква актерска и креативна екипа станува збор.
Трн: Идната година МНТ одбележува 80 години од постоењето. Дали се почнати плановите за прославата на овој сериозен јубилеј?
Никола: Во наредната 2025 година, Македонскиот народен театар „официјално“ одбележува 80 години од постоењето како институција, инаку историјата на овој театар е многу подолга и многу значајна. Уште од првиот ден од моето раководење со овој театар, наследив програма за наредната година во која, за жал, освен монографија за МНТ не беше предвидено ништо друго што е во насока на одбележување на јубилејот, затоа заедно со мојот тим, одлучивме секоја нова премиера во текот на наредната година, секој настан, новата летна сцена и секоја останата активност на театарот, да биде дел од јубилејот, но сепак, јас како „театарско дете“ присутно во овој театар од 2006 година, сметам дека на 3 април денот на кој е изведена првата премиера во Македонскиот народен театар „Платон Кречет“ (1945), треба да биде одбележан со премиера, наменски направена по повод овој значаен јубилеј. Сѐ уште сме во преговори со режисерот за овој проект и затоа не би можел да откривам многу детали во врска со ова, но сепак кажувам дека ќе бидам пресреќен доколку едно презиме кое стои меѓу основачите на Македонскиот народен театар во 1945 година, истото тоа презиме би стоело и како режисер на јубилејната премиера по повод 80 години МНТ, бидејќи е многу значајно како за нашиот театар така и за целата културна историја во Македонија.