Програмата на Кинотеката во јули со фокус на македонскиот игран филм

Кинотеката на Северна Македонија соопшти дека во месец јули ќе бидат прикажани остварувања од нашата национална кинематографија, со постар, но и со понов датум на реализација.

Како што најавија, ќе биде прикажан филмот „Жед“ на филмскиот и театарски режисер Димитрие Османли. Станува збор за втор долгометражен игран филм во продукција на Филмско студио – Скопје и на дистрибутерската куќа „Македонија филм“.

Меѓу другото, во Кинотеката во јули ќе се одржи и проекција на „Волчја ноќ“ во режија на Франце Штиглиц и според сценарио на македонскиот писател Славко Јаневски. Токму ова остварување е вториот игран филм во македонската кинематографија.

Во рамките на месечнава понуда, на летната кино сцена „Мирно лето“, ќе се прикажат и современите остварувања како фестивалскиот миленик „Исцелител“, „Домаќинство за почетници“, „Ругање со Христа“, „Бал-кан-кан“, „Скопје ремикс“.

Средината на јули е резервирана за содржините селектирани од филмскиот фестивал „Синедејс“.

Репертоарската понуда се заокружува со прикажувањето на филмските материјали кои се однесуваат на земјотресот што го зафати нашиот главен град во 1963-та, како и со промоцијата на „Македониум: Драматургија на недовршеното“. Тоа  е колаборативен филм на режисерката Теона Стругар Митевска и уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски, работен врз основа на истоимената книгата на Иваноска и Чаловски, која се фокусира на приказната за „Македониум“, најистакнатиот меморијален комплекс изграден во социјалистичка Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни