Под мотото „Кажи YES за добра книга!“, издавачката куќа Чудна шума го започна тригодишниот проект „Млади европски приказни (Young European Stories)“ – проект за превод, објавување и промоција на европски книжевни дела за деца и млади.
Во проектот, кој е ко-финансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Покрај Чудна шума (како носител), се вклучени неколку издавачки куќи од неколку европски држави: Ибис графика од Хрватска, Мителдојчер Ферлаг од Германија, Одисеја од Србија и Гаврош од Македонија.
Во рамки на проектот ќе бидат преведени и објавени 14 книжевни дела за млади читатели од различни возрасти, од деца од предучилишна возраст, па сѐ до тинејџери од 16 до 19 години. Книгите се преведуваат од холандски, унгарски, хрватски, германски, норвешки, шведски, словенечки, турски и романски на македонски, како и од македонски на хрватски и германски. Книжевните преводи ги прават искусни и наградувани книжевни преведувачи: Дарко Спасов од словенечки, Ели Пујовска од Холандски, Лидија Димковска од романски, Златко Панзов од унгарски, Родна Русковска од шведски, Калиопа Петрушевска од хрватски, Ксенија Чочкова од германски, Искра Бадева од норвешки и Васко Марковски од турски на македонски јазик, како и Корнелија Маркс од македонски на германски и Магдалена Кукиќ од македонски на хрватски јазик.
Сите книги кои ќе бидат преведени во рамки на проектот се дела за деца и млади што обработуваат значајни теми. Сликовниците, наменети за деца за предучилишна возраст, обработуваат теми како прифаќање на различностите и инклузивност, миграцијата, справување со траума и губиток, подигање на свесноста за грижата за животната средина и за климатските промени; слични теми обработуваат и романите за деца од предтинејџерска возраст, додека книгите за млади дополнително обработуваат и теми за родовата еднаквост, сексуалноста и проблемите со кои се соочуваат младите луѓе во современиот свет.
Досега во проектот се преведени и објавени две книжевни дела: сликовницата „Каде е мојот дом?“ од турската авторка и илустраторка Сезен Аксу Ташјурек (превод од турски на Васко Марковски, издание на Чудна шума), која на најмладите читатели им ја посочува опасноста од климатските промени и како тие влијаат на околината и на животинскиот свет; и илустрираниот роман „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ на Билјана С. Црвенковска и илустрации на Нита Муча (превод од македонски на германски на Корнелија Маркс, издание на Мителдојчер Ферлаг).
Главната уредничка на Чудна шума, Билјана С. Црвенковска, вели: „До крајот на 2025 ќе имаме многу креативни работилници, читања, промоции, фестивали, гостувања на автори, илустратори и преведувачи, трибини и дебати, конференции и дружења, активности за поттикнување на читачките навики, но пред сѐ – ќе имаме многу убави книги кои обработуваат значајни теми – преведени на повеќе јазици и достапни за младата читателска публика. Особено сме горди и на тоа дека годинава го организиравме фестивалот Млади европски приказни, млади креативци, кој е посветен на книжевноста за деца и на детската креативност.
Фестивалот се одржа од 30 мај до 6 јуни на неколку локации во Скопје, во Младинскиот културен центар, во кафе-книжарницата и галерија Чудна шума, како и во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ и нејзините придружни објекти – Библиотеката „Другарче“ во Карпош и библиотеката „Цветан Димов“ во Чаир. се одржаа околу 15 креативни работилници за деца и млади од различни возрасти, на македонски, албански и турски јазик, а имавме и неколку промоции на книги и работилници од различни издавачи, како и една Камишибаи претстава. Тенденцијата е овој фестивал да „порасне“ во следните неколку години, очекуваме и гости – автори и илустратори од цела Европа. Дополнително, годинава ќе ја организираме и нашата прва конференција на издавачи во Охрид, на која издавачите од проектот и гости-предавачи од Европа ќе споделат искуства и ќе разговараат за понатамошни опции за вмрежување, соработка и за идни заеднички проекти.“
На прашањето кои се бенефитите од програмата на Креативна Европа и дали издавањето на овие наслови го подигна критериумот за квалитетна литература, Билјана одговори:
„Програмата „Креативна Европа“ е еден од најдобрите начини да се преведат, објават, промовираат и дистрибуираат квалитетни книжевни дела, не само за деца и млади, туку воопшто, кои инаку не би можеле да бидат лесно преведени и објавени затоа што речиси секогаш се работи за некомерцијални, посериозни и често наградувани дела кои обработуваат значајни теми. Исто така, се работи и за превод на дела од помалку застапени европски јазици, кои на друг начин многу тешко би станале достапни на нашата читателска публика. Сето тоа, се разбира, значително го подигнува квалитетот на книгите што се објавуваат кај нас. Последниве години, и тоа особено во литературата за деца и млади, забележуваме сериозно поместување на преводната литература кон квалитетни, наградувани книжевни дела од европски автори и илустратори и искрено се надевам дека и публиката почнува да прави разлика помеѓу она што е само забавно и/или едукативно и она што носи посериозна тежина и вредност“.
Понатаму таа објаснува колку се донесе тој европски шмек во литературата и колку влијае на продукцијата на домашната литература: „ Тоа поместување во преводната литература и воопшто светските трендови во литературата за деца и млади да се создаваат дела што на децата и на младите им овозможуваат да влезат во приказната, да се идентификуваат, да се препознаат – почна да ги менува и работите кај нас. Авторите почнаа да создаваат „поинакви“ приказни и да излегуваат надвор од границите на Македонија. Истото важи и за илустрацијата – бидејќи и нашите илустратори, како што налагаат светските трендови, почнаа да креираат авторски уметнички дела – без разлика што се работи за книги за деца. И затоа забележуваме и обратен тренд – не само кај нас да се преведуваат квалитетни книжевни дела за деца и млади, туку и нашите квалитетни книги од македонски автори и илустратори да доживуваат сѐ повеќе преводи (и сѐ подобар прием) на европските пазари.