Повеќе од 12.000 жители на Сантoрини ги напуштиле своите домови поради континуираното тресење на земјата.
„Во наредните денови очекуваме земјотрес од 6 степени по Рихтер”, најави професорот по тектоничка геологија и геодинамика, Димитрис Папаниколау.
Владата на Грција вчера прогласи вонредна состојба на Сантoрини. Министерството за цивилна заштита соопшти дека вонредната состојба ќе трае до 3 март, за да се одговори на потребите на населението и последиците од сеизмичката активност.
Како што се наведува во грчките медиуми, во областите меѓу Сантoрини и островот Аморгос, од 26 јануари биле забележани 7.700 земјотреси. Само во вторникот беа регистрирани 1.300 потреси. Најсилниот земјотрес бил забележан синоќа со јачина од 5,2 степени по Рихтер.
Експертите предупредуваат дека на Сантoрини постои ризик од одрони, кои се зголемуваат со зголемувањето на сеизмичката активност, пренесува Катимерини.
Во меѓувреме локалното население се обидува ги заштити своите домови и друг имот од можни грабежи. Воени возила, пожарникари и полиција пристигнуваат на Сантoрини за да помогнат во случај на потреба поради зголемената сеизмичка активност во морската област меѓу Сантoрини и Аморгос.
Жителите на Сантoрини поставиле вреќи со песок на плажата Монолитос, каде што се наоѓа електродистрибутивната компанија, за да ја заштитат од можен цунами.
Граѓаните кои живеат таму, но и туристите, продолжуваат да го напуштаат островот поради земјотресите кои се случуваат. Два земјотреса со магнитада 4 и 4,3 по Рихтер, за помалку од две минути, се случија во Арсекини, Аморгос, во четвртокот попладне.