Ново истражување спроведено од платформата за финансиски споредби Hellosafe открива кои земји во светот се најопасни за патување.
Биле анализирани вкупно 35 критериуми за да се утврди кои земји се најбезбедни, а кои најопасни за странски посетители. Меѓу факторите се наоѓаат стапката на природни катастрофи, нивото на насилство во општеството, вклученоста во вооружени конфликти и квалитетот на здравствената инфраструктура.
Филипини на дното на листата по безбедност
Според резултатите од истражувањето, Филипините се прогласени за најопасната земја во светот за одмор. И покрај ова неславно прво место, земјата и понатаму привлекува голем број туристи – повеќе од 5.4 милиони меѓународни посетители престојувале таму во текот на 2024 година, најмногу на познатите плажи како Боракај и Палаван.
Зошто се Филипините опасни за патување?
Во одредени делови на земјата, особено во јужните региони како Минданао, присутни се вооружени групи. Во поголемите градови како Манила и Себу се регистрирани кражби, грабежи, киднапирања и измами, вклучително и инциденти насочени кон туристи.
Филипините се наоѓаат во таканаречениот Пацифички огнен прстен, подрачје исклучително активно кога станува збор за земјотреси, вулкански ерупции и цунами. Покрај тоа, земјата редовно е погодена од тајфуни и поплави, особено помеѓу јуни и ноември, што сериозно ја загрозува безбедноста на патувањата.
Повремени бунтови, протести и локални конфликти во одредени региони доведуваат до нестабилни услови. Во рурални и изолирани подрачја здравствените услуги се ограничени, а итна медицинска помош не е секогаш достапна. Ризикот од заразни болести како денга треска, маларија и тропски инфекции дополнително придонесува за оценката на небезбедност.
Колумбија
На второто место на листата се наоѓа Колумбија, која високо се рангира поради високото ниво на насилство во општеството. Но ни тоа не ги одврати туристите – земјата во 2024 година регистрирала 6.2 милиони странски доаѓања, речиси 30% повеќе отколку во 2022 година.
Мексико – трета најопасна, но и една од најпосетените
Третото место на листата го зазема Мексико, и покрај тоа што е една од најпопуларните туристички дестинации во светот. Како и Колумбија, и Мексико е високо рангирано поради висока стапка на насилство во општеството. Во 2024 година земјата ја посетиле околу 45 милиони меѓународни туристи, а најпосетени се Канкун, Тулум и Плаја дел Кармен.
Индија, Русија и Сирија исто така меѓу најопасните
На листата на најопасни земји за меѓународни туристи се најдоа и Индија, Русија, Јемен, Сомалија, Иран и Сирија, кои влегоа во топ 10 најопасни дестинации.
Најбезбедни земји: Исланд, Сингапур и Данска
На другиот крај од листата, Исланд е прогласен за најбезбедна земја за туристи, а веднаш зад него се Сингапур и Данска. Топ 5 ги заокружуваат Австрија и Швајцарија. Во топ 10 најбезбедни земји се најдоа и Чешка, Словенија, Финска, Ирска и Унгарија.
Компанијата HelloSafe, која го нарачала истражувањето, во коментарот на резултатите изјави:
“Безбедноста на земјата и чувството на сигурност често се клучни критериуми за меѓународни патници. Резултатите понекогаш се спротивни на очекувањата.”
Грција и Франција меѓу помалку безбедните европски дестинации
Во рамки на Европа, Грција и Франција се рангирани како најмалку безбедни земји на континентот. Од европските земји, само Русија и Украина се оценети како поопасни.
На листата на десет најопасни европски земји се најде и Обединетото Кралство, додека САД се на 14. место најопасни земји во светот.
А што е со Хрватска?
Хрватска е на 15. место на листата на најбезбедни земји во светот.
Словенија е на 9. место, Црна Гора на 35., а Србија на 54. место.
Хрватска се смета за една од најбезбедните земји. Исто така, на почетокот на годината, платформата World of Statistics, која собира податоци од разни области, објави листа на земји во кои е најбезбедно да се оди сам ноќе. Хрватска се најде на првото место, втора година по ред. Според нивното истражување, три најнебезбедни земји се Франција, Белорусија и Белгија.