Според истражувањето на Titan Travel, градовите се оценувани од 1 до 10 според бројот на бесплатни атракции, безбедноста, бројот на велнес и спа центри, понудата на пабови, ресторани и ноќни клубови, како и просечните цени на хотели со три ѕвезди. Порто освои високи 8,68 поени од можни 10. Зад него се најдоа Фиренца и Единбург.
Што нуди Порто?
Градот е компактен и лесен за пешачење, што го прави идеален за кратки патувања, како викенд одмор. Посетителките можат да уживаат во културни знаменитости, вински тури, одмор на плажа и ноќни излегувања.
Гастрономија и ноќен живот
Порто е познат по својата храна – едно од традиционалните јадења е „франсезиња“, сендвич со сирење и сос од пиво. Покрај реката Дуеро има бројни рибни ресторани и винарии, а улицата Galerias de Paris е позната по баровите и динамичната атмосфера.
Рибеира
Историската населба покрај реката, Рибеира, е позната по обоени фасади, камени улички и живописна атмосфера. Од таму се пружа поглед кон култниот мост Dom Luís I, а местото често е дел од туристичките тури.
Livraria Lello
Оваа позната книжарница од 1906 година плени со своето внатрешно уредување – дрвени полици, спирални скали и декоративни тавани. Често се поврзува со инспирацијата за Хари Потер, бидејќи J.K. Rowling живеела во Порто во 1990-тите.
Плажа Матосинјош
Околу 20 минути од центарот на градот, оваа градска плажа нуди шеталишта, активности како сурфање, како и ресторани со морска храна и локални специјалитети.
Пазарот Mercado do Bolhão
По долга реновација, пазарот го задржа својот автентичен изглед. Таму можете да најдете локални производи, вино, сувенири, сардини, како и мали ресторани со традиционални оброци во мали порции – петискош.
Порто, со својата пријатна атмосфера, културно и гастрономско богатство, е совршен избор за женско патување.