Охридско лето за првпат ја претставува својата оф-програма пред скопската публика, и тоа со посебен концерт на камерниот оркестар „Профундис“, што ќе се одржи на 29 ноември во големата сала на Македонската филхармонија. Настанот ќе биде изведен во единствена атмосфера под светлина од илјадници свеќи — амбиент што ширум светот стана препознатлив по својата интимност, топлина и доживување што ги спојува тишината и музиката во едно.
Овој концепт, кој се потпира на минимална светлина и длабока музичка експресија, им овозможува на слушателите целосно да се предадат на звукот, да ги почувствуваат сите нијанси и меки прелевања на инструментите.
„Чест е што Охридско лето ни ја довери премиерата на оф-програмата во Скопје. Верувам дека концертот ќе биде посебен не само по атмосферата, туку и по искреноста и концентрацијата со која ќе прозвучи музиката,“ истакнува диригентката Ѓурѓица Дашиќ.
Концертот носи и ексклузивен гостин — виолончелистот Петар Пејчиќ, еден од најперспективните млади европски уметници, финалист на меѓународни натпревари и солист кој веќе настапува со водечки оркестри низ Европа. Тој свири на редок инструмент од 1694 година, изработен од славниот мајстор Ѓузепе Гуарнери, што дава дополнителна боја и длабочина на концертното доживување.

Публиката ќе слушне внимателно избрана програма која ја спојува смирената минималистичка линија на Филип Глас со драматичната виртуозност на Попер и поетичноста, духовитоста и романтичната елеганција на Чајковски. Свитата од музиката за филмот „Часовите“, Унгарската рапсодија бр. 68 и Рококо варијациите создаваат целина исполнета со суптилност, емоција и изведувачка префинетост.
Настанот е одлична можност скопската публика да се запознае со уметничкиот идентитет на „Профундис“ — оркестар што од своето основање во 2019 година постојано го унапредува македонскиот музички простор преку високи стандарди, посветеност и поддршка на домашните композитори и изведувачи.
Нивните настапи на фестивали во Црна Гора, Србија, Бугарија и Италија веќе им донесоа регионално признание, а концертите во Македонија редовно се сметаат за настани од значење за националната културна сцена.
Со овој свечен настан, Охридско лето уште еднаш потврдува дека е фестивал што гради мостови меѓу уметниците и публиката, отворајќи го својот репертоар и за скопската публика — во амбиент што ветува незаборавна вечер исполнета со звук, тишина и светлина.
