Професорите и вештачката интелигенција: сојузници или противници на знаењето?

Во образовниот систем што сè уште нема стандарди за дигитална етика, професорите се обидуваат да ја разберат вештачката интелигенција меѓу потенцијалот и стравот од манипулација.

Оваа статија е дел од серијалот на ТРН за вештачката интелигенција, кој ја разгледува нејзината улога во различни сфери — од универзитетските лаборатории и студентските семинари, до политичките кабинети и европските регулативи. Во претходните текстови зборувавме за тоа како студентите и средношколците ја прифатија технологијата без отпор, а институциите останаа без насока. Денес, фокусот е на професорите — луѓето кои го обликуваат процесот на учење, но сега мора да научат да коегзистираат со алгоритмите што го редефинираат знаењето.

Меѓу стравот и потенцијалот

Вештачката интелигенција (ВИ) за некои претставува сојузник во наставата, за други закана по суштината на професорската професија. Наставниците и универзитетските професори се најдоа во амбивалентна позиција — во која истовремено треба да ја користат ВИ како средство за подобрување на педагошкиот процес, а да ја чуваат автономијата на критичкото размислување.

Во најновото истражување на Frontiers in Education (2025), мнозинството европски професори изјавиле дека ВИ може значително да го подобри образованието доколку се воведат етички насоки и институционална поддршка. Сепак, дури 58% од нив сметаат дека постои реална опасност технологијата да ја намали вредноста на интелектуалниот труд ако остане без контрола.

Во Финска, каде што училиштата веќе интегрираат курсеви за „одговорна употреба на ВИ“, професорите не ја гледаат технологијата како замена за мислата, туку како предизвик за нејзино продлабочување. Во Германија, универзитетите воведуваат центри за дигитална педагогија каде што академскиот кадар учи како да ги користи алатките за анализа, планирање и визуализација на податоци — без да го изгуби авторскиот допир на наставата.

Македонскиот контекст: меѓу импровизацијата и иницијативата

Во Македонија, универзитетите сè уште немаат унифицирани правила за користење на ВИ. Одговорноста останува на самите професори и институции. Некои воведуваат интерни правила за транспарентност и цитирање при користење на ВИ, други ја ограничуваат или целосно ја забрануваат. Во ваков контекст, професорите се соочуваат со предизвикот да ја пронајдат рамнотежата меѓу технолошката ефикасност и академската етика.

Проф. д-р Боро Јакимовски, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), во својата изјава за ТРН објаснува:

„Студентите активно ја користат вештачката интелигенција и таа на некој начин е многу голем пријател за нив. Меѓутоа, важно е што ќе се трудиме да го пренесеме и да го сфатат дека вештачката интелигенција треба да им биде пријател, да им биде алатка којашто ќе ја зголеми нивната продуктивност, ќе го зголеми квалитетот на решението коешто тие ќе го направат, меѓутоа дека тоа што тие ќе го научат или ќе го стекнат како искуство се клучни за да препознаат дали вештачката интелигенција дала решение коешто е оптимално, кое што ќе им помогне да направат добро решение или ќе треба да интервенираат тие понатаму во тоа што е веќе дадено, изгенерирано од вештачката интелигенција.“

Тој додава дека клучно е студентите да разберат како да ја користат технологијата, не само зошто.

„Клучно е тука знаењето за тоа како најдобро да се искористи за да бидете попродуктивен, да бидете поуспешен во својата работа понатаму. Инженерството е креативна професија која бара добро познавање на технологијата, добро познавање на соодветни алгоритми, на методологии кои што навистина треба да препознаат колку е добро она што ќе го генерира вештачката интелигенција и како да го искористат на правиот начин,“ објаснува тој.

Во оваа насока, ФИНКИ веќе нуди повеќе од дваесет предмети поврзани со обработка на податоци и вештачка интелигенција, со цел студентите да ја разберат технологијата и од теоретски и од практичен аспект. Но, како што нагласува Јакимовски, технологијата треба да биде средство за развој на знаењето, не негова замена.

Етичката празнина

Токму тука се јавува и најголемиот предизвик — етиката. Професорката Христина Рунчева Тасев од Правниот факултет „Јустинијан Први“ посочува дека студентите во голема мера се потпираат на ВИ, што бара институционален одговор:

„Студентите редовно ја користат вештачката интелигенција. Таа претставува корисна алатка што ја зголемува продуктивноста, но студентите се потпираат на неа во голема мера. Токму затоа, потребно е да се воспостават стандарди за етичко користење на вештачката интелигенција.“

Недостигот на државни стандарди остава простор за злоупотреби, но и за страв. Дел од професорите ја гледаат ВИ како потенцијален инструмент за академска измама, други како алатка што ќе ги ослободи од административни обврски за да се посветат на истражување. Во оваа поларизирана средина, прашањето не е дали професорите ќе ја користат ВИ, туку како ќе ја моделираат нејзината примена — со критички филтер или со недоверба.

Од закана кон партнерство

Вештачката интелигенција не е непријател на знаењето, туку негов тест. Таа го открива колку навистина го разбираме процесот на мислење и создавање. Професорите имаат централна улога во тоа — не како чувари на минатото, туку како водичи кон новата академска култура.

Кога институциите ќе воспостават јасни етички насоки и ќе понудат обука за професорите, технологијата може да стане не само алатка за предавање, туку и инструмент за критичко учење. Додека машините учат од податоци, луѓето треба да продолжат да учат од смислата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни