Професорот по психологија Џеф Мекдоналд од Универзитетот во Торонто, кој со години го проучува феноменот на самотијата и современите врски, вели дека денес едноставно има повеќе самци отколку порано.
Според истражување на Pew Research Center, во 1990 година 59% од возрасните во Европа и Америка биле во брак, додека до 2023 година тој број се намалил на 51%. „Секој човек во некој момент од животот е сам. Затоа е важно да разбереме како изгледа тоа искуство,“ вели Мекдоналд.
Порастот на бројот на самци, според професорот, не е резултат на една причина, туку на комбинација од технолошки и општествени промени.
„Денес е многу полесно да се живее сам благодарение на интернетот, апликациите за достава и онлајн купувањето. Луѓето можат да добијат речиси сè што некогаш го барале преку врска,“ објаснува тој.
Во минатото, жените често биле финансиски зависни од мажите бидејќи немале еднаков пристап до работа. Денес, кога многу жени заработуваат сопствен приход, економскиот мотив за партнерство значително ослабнал.
Иако многумина тврдат дека е сè потешко да се најде партнер, Мекдоналд не се согласува: „Апликациите за запознавање всушност ја олеснуваат средбата со луѓе.“
Проблемот, според него, лежи во промената на очекувањата.
„Денес луѓето бараат интелектуална стимулација, емоционална поддршка и чувство на авантура. Нашите баби и дедовци не очекуваа од врската да ги ‘инспирира’ — им било доволно што имале со кого да го делат секојдневието,“ вели со насмевка.
Истражувањата покажуваат дека жените генерално се позадоволни од животот без партнер.
Причините се повеќе: и понатаму постои нерамномерна поделба на домашните обврски, па врската често претставува дополнителен товар.
„Мажите обично гледаат на врската како на олеснување, а жените – како на обврска,“ додава Мекдоналд.
Покрај тоа, жените имаат посилни пријателски и семејни врски, што им овозможува да добијат емоционална поддршка и надвор од партнерството, нешто што на мажите им е потешко.
Според истражувањата, најсреќни самци се луѓето над 40 години и припадниците на LGBTQ+ заедницата.
„Со возраста луѓето стануваат посмирени, полесно ги прифаќаат околностите и не се вознемируваат околу работи кои порано ги грижеа,“ вели професорот.
Кај квир-личностите, додава, често има помал општествен притисок да бидат во врска, бидејќи веќе го одбиле традиционалниот модел на „мора да си во пар.“
Иако поголем приход може да овозможи удобност, не ја гарантира среќата.
„Парите ви овозможуваат да патувате, да си го олесните животот… но со тек на време многумина сфаќаат дека би сакале некој со кого да го споделат тоа,“ објаснува Мекдоналд.
Приближно 15% од самците воопшто немаат желба за романтична врска.
„Не се сите тие пресреќни, но бројката покажува дека сè повеќе луѓе свесно го избираат самостојниот живот,“ нагласува професорот.
Дали бројот на самци ќе продолжи да расте? Мекдоналд вели дека е тешко да се предвиди:
„Сведоци сме на судир меѓу новата генерација што ги менува критериумите за љубов и старите, поконзервативни вредности.“
На крајот, професорот го завршува разговорот со едноставен, но суштински совет:
„Да бидеш добар во врска значи најпрво да бидеш добар со самиот себе.
А да бидеш добар во самотија — значи истото.“
Извор: N1info.rs