Без притвор за професорот од „Лазар Личеноски” – одземен пасош, забрана за приближување до ученичката

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за сексуално вознемирување – судија на претходна постапка одби притвор и одреди мерки за претпазливост

Судија на претходна постапка одлучи да не определи притвор за 52-годишниот професор по вајарство Сокол Цфарку од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски” во Скопје, осомничен за кривичното дело „Сексуално вознемирување” врз 18-годишна ученичка. Наместо притвор, судот определи мерки за претпазливост.

Со судската одлука, на осомничениот му е одземен пасошот и забрането му е да ја напушта државата. Воведена е и забрана за приближување – не смее да воспоставува каков и да е контакт со ученичката. Дополнително, му е забрането да ги извршува работните задачи за времетраење на постапката.

Основното јавно обвинителство Скопје е тоа кое го покрена предметот, а обвинителот доставил предлог за мерките со цел да се обезбеди присуство на осомничениот и да се заштити оштетената во понатамошната постапка.

Полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода на 9 март 2026 година, откако, според пријавата, во периодот од 25 февруари до 2 март ја вознемирувал ученичката и барал од неа да имаат полови односи.

Директорот на училиштето Димитар Филиповски изјавил за Телевизија 24 дека ученичките прво дошле кај него, по што веднаш била поднесена пријава до МВР. Потврдил дека против професорот е покрената дисциплинска постапка и дека е суспендиран.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни