Професионалните возачи од Балканот се закануваат со блокада на патиштата кон ЕУ

Од Европската унија и нејзините земји-членки бараат да го признаат AETR како обврзувачки документ за земјите-членки и за теренските контроли.

Лидерите на водечките транспортни асоцијации од Западен Балкан (WB6) одржаа регионален самит во Бијељина, од каде што беше порачано дека, доколку до 16 јуни не се запре дискриминаторското толкување на престојот на професионалните возачи во ЕУ, ќе започнат блокади на сите правци за снабдување кон и од ЕУ, со повеќе од 300.000 транспортни единици.

Беше истакнато дека во периодот од 1 до 16 јуни бараат земјите од WB6 да ги информираат сите релевантни институции на ЕУ дека возачите од БиХ и регионот имаат работни договори, лиценци, дозволи и тахографски картички; дека не се мигранти, туку професионалци кои ги одржуваат меѓународните синџири на снабдување, и дека нивните активности се во целосна согласност со режимот на AETR, кој мора да има предност во толкувањето на престојот над шенгенските правила.

Од ЕУ и нејзините земји-членки се бара да го признаат AETR како обврзувачки документ за земјите-членки и за контролните служби на терен, да го прекинат дискриминаторското толкување на престојот на професионалните возачи и да ги изменат упатствата за граничните и контролни органи во согласност со таа норма.

Исто така, се потсетува дека сите земји од WB6 се полноправни членки на AETR-договорот, кој е постар и правно посилен од билатералните договори за стабилизација и асоцијација (ССП) и шенгенските правила за престој. Договорот јасно ги дефинира дневниот и неделниот одмор, времето за возење и одмор, времето за товарење/растоварување, како и употребата на дигиталниот тахограф како официјален доказ за активностите на возачот.

Со правилно читање од паметниот тахограф од втора генерација, возачите може да докажат дека не го прекршуваат режимот 90/180 дена, бидејќи имаат статус на работно ангажирани лица – не туристи, азиланти или мигранти, се наведува во соопштението од Конзорциумот Логистика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни