Во моменти на големи трагедии, општеството се соочува не само со загубата на човечки животи, туку и со длабоки промени во својата колективна свест. Како нација, тагава ја носиме заедно, но дали сме подготвени да ја претвориме во поука? Дали оваа трагедија ќе стане колективна траума или само уште еден настан што ќе биде заборавен?
Трн: Како една ваква трагедија влијае на колективната свест и менталното здравје на нацијата?
Ило: Тоа што го нарекуваме колективна свест е сегемент од индивидуалната свест што по содржина и по насока до одреден степен се препознава или го сподеелуваат одреден број единки. Таа постои само низ свеста на конкретните луѓе. Тоа значи дека одреден број луѓе во исто време се чувствуваат на ист или сличен начин, на ист или сличен начин се радуваат или тагуваат.
Но дали болката, тагата или други чувства на одреден број единки ќе прерасне во колективна траума е друго прашање. Како социолог мислам дека не можеме да зборуваме за менталното здравје на нацијата како просто отсликување на менталната состојба на единките.

Трн: Дали македонското општество има капацитет да се справи со оваа загуба? Како се менуваат однесувањето и перцепциите на луѓето во моменти на голема трагедија?
Ило: Има, нема капацитети- мора да се справи. Трагедии се случувале се случуваат и ќе се случуваат. Вакви конкретни трагедии во ноќни клубови се случиле и во многу други земји во светот во последните дваесетина години. Некои се и со поголеми жртви и последици. Но, она што боли е сознанието дека ваков тип трагедии се случуваат во помалку развиени земји, во земји кои имаат сериозни проблеми со почитувањето на законите и со корупцијата.
Трн: Како младите ја доживуваат оваа трагедија? Дали се повеќе разочарани од системот, и какви последици тоа може да има?
Ило: Тоа дека се разочарани од системот воопшто не ме загрижува. Треба да се разочарани. Системот е тој што ги прави можни ваквите трагедии, системот на корупција и неодговорност, системот на партиско дренирање на сѐ што е јавен ресурс. Од разговорите со моите студенти загрижувачко е сознанието за разочараност не во системот туку во нас како опшетство и како нација. Преставата дека овде е ризично да се живее и дека ако си го сакаш животот треба да заминеш надвор. Тоа е поразителното од ваквите трагедии.

Трн: Колку е важна улогата на медиумите во известувањето за вакви настани? Дали начинот на кој се пренесуваат вестите може да влијае на колективната траума?
Ило: Исклучително важна е улогата на медиумите. Од нив не само што дознаваме информации туку преку нив формираме претстава што се случило. Медиумите имаат клучна улога во констатирањето на наративот за трагедијата. Од нив зависи дали таа ќе се сфати само како загуба на животи и здравје на одреден број луѓе или пак таа ќе се претстави како рана на колективниот идентитет на нацијата, на општеството. Ценам дека во досегашното портетирање на трагедијата преовладува овој индивидуалистичи наратив. Се сожалуваат настраданите и нивните блиски. И тоа секако мора да се прави, човечки и морално е да се соживуваме со страдањето на другите. Но тоа не е доволно за оваа трагедија да ја восприемиме како колективна траума. Од неа да извлечеме поуки кои ќе ја штитаат нацијата во иднина од вакви или слични страдања.
Трн: Што може да се научи од социолошка перспектива за да се спречат вакви катастрофи во иднина?
Ило: Во едно од претходните прашања споменав во какви земји се случуваат вакво тип трагедии. Тоа е сознанието кое треба да ги води властите во овој момент да не извадат од кругот на земји во кои вакви и слични непредвидени човечки страдања стануваат нормална, т.е. зачестена појава. Ништо што доведува до вакво нешто не е нормално, ни ново ни старо нормално.
Трн: Како институциите треба да одговорат на овој настан за да ја вратат довербата на граѓаните?
Ило: Така што ќе спорведат објективна истрага почнувајќи со разоткривање на сопствените заслуги вградени во трагедијата.
Трн: Што би порачале на граѓаните во овој момент – како да се справат со болката и стравот што ги носи оваа трагедија?
Ило: Ќе тагуваме, ќе се тешиме, ќе се поддржуваме во справување со загубите, но да се поткренеме и да кажеме не на јавашлукот, на корупцијата, нечистотијата и севкупното обезвреднување на човечкото достоинство, здравје и живот.