„Скопски урбани приказни – во пет и седумнаесет“

60 години од земјотресот во Скопје и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов

На 3 јули, во понеделник во 17:17 се отвора изложбата по повод 60 години од скопскиот земјотрес и во чест на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов. Под наслов Скопски урбани приказни – во пет и седуманесет Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) со овој проект ќе се придружи на сеќавањето на два јубилеја, значајни за градот, културата и општеството.

Мотив за размисла и поттик за творците е текстот на македонскиот поет Ацо Шопов, ,,Во пет и седумнаесет”, кој е посветен на земјотресот во Скопје и светската солидарност. Спојот на литературата и ликовната уметност, поезијата и ликовната уметност се во синергија на сетила, емоции и интелект. ДЛУМ преку  селекција од кураторот, (Дијана Томиќ Радевска), носител на идејата, покани 23 уметници кои низ класичен, но и интердисциплинарен и мултимедијален пристап, ќе изложат свои дела на неколку локации во централното градско подрачје на Скопје.

Низ соработка со Скопско лето, ДЛУМ влегува во програмата за 2023 година.

„Отворањето ќе започне во КИЦ во 17 и 17 часот, во паркот и продажната галерија, каде ќе бидат поставени дела од 10 уметници. Документарно видео на Роберт Јанкуловски и Моника Ботевска со сведоштва од земјотресот ќе оди  во еден шатор кој што симболично ќе биде поставен во паркот пред КИЦ како симболика на она време кога биле сместувани луѓето во градскиот парк во шатори. Потоа движењето продолжува кон Францускиот Институт Скопје – излог галерија, каде се поставени дела од 2 уметници, продолжува кон приватната галерија ГРАЛ – мала галерија и билборд пано, таму се поставени 7 уметници, движењето продолжува кон улицата ,,На липите”, во Дебар маало (Буњаковец), со објект инсталација од еден уметник. Движењето завршува кон градската кафеана ,,Пелистер”, каде ќе бидат поставени 2 уметници и како гости на овој проект ќе учествуваат соработници од училиштето ДУЦОР ,,Партенија Зографски”- Скопје,  каде текстот на Ацо Шопов, ,,Во 5 и 17” ќе го презентираат на видео на знаковен македонски јазик.

Дијана Томиќ Радевска

Интересно е што се вклучени повеќе локации низ градот, сакавме да биде уште подинамично меѓутоа за жал секогаш идеите и фантазиите не можат да се остварат. Но, благодарност до овие институции што се одѕваа“, изјави Дијана.

Изложбата ќе се одвива во периодот од 3 јули – 9 јули 2023, со почеток и отворање токму во 5:17 (17.17) часот се до вечерните часови, а изложбите ќе бидат достапни за посета во работното време на институциите секој ден, се до 9 јули.

Учествуваат уметниците: Марина Лешкова, Вана Урошевиќ, Нина Гештаковска, Жанета Вангели, Маја Стефановскa, Тања Таневска, Соња Димовска, Славица Јанешлиева, Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Марија Сотировска, Игор Сековски, Маја Кировска, Дејан Иванов – Маргуш, Ѓорѓе Јовановиќ, Борче Богоевски и Тања Ристовска, Кристијан Јованоски, Драганчо Таневски, Ива Станковска, Душан Стефановски, Динев Ѓорѓи, Стефан Јакимовски.

Во склоп на овој проект ќе биде доделена награда за најуспешно остварување на ,,Скопски урбани приказни – Во пет и седумнаесет” која е спонзорирана од галеријата ,,Акантус” како партнерска соработка со ДЛУМ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни