Проекција на документарниот филм „Тата“ во рамки на „Зимски МакеДокс“

Документарниот филм „Тата“ на Лина Вдови и Раду Чорнициу ќе биде прикажан на 11 февруари во кино „Фросина“ во Скопје, со дискусија со режисерите и експерти за семејни и мигрантски теми.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ го најавува прикажувањето на документарниот филм „Тата“ на Лина Вдови и Раду Чорнициу, како дел од програмата „Зимски МакеДокс“. Проекцијата ќе се одржи на 11 февруари, во 20 часот, во кино „Фросина“ при Младинскиот културен центар во Скопје, а влезот е слободен.

„Тата“ (Романија / Германија / Холандија, 2024, 84 минути) ја следи Лина, молдавска новинарка, која по години отуѓеност добива видеопорака од својот татко – мигрантски работник во Италија. Видеото открива модринки на неговите раце, а таа, со скриена камера, тргнува по правда и лична вистина. Филмот претставува интимен и суров портрет на семејство заробено во циклус на насилство и токсична машкост, снимен во Италија, Молдавија и Романија.

Режија, сценарио и камера се потпишуваат Лина Вдови и Раду Чорнициу. Монтажата е на Ана Фабини, Андреј Горган, Ципријан Цимпои и Делија Онига, звукот е на Хуго Дијкстал, а музиката на Јерг Фолерт. Филмот е продукција на „Манифест филм“ во копродукција со „Корсо филм“.

По светската премиера на Торонто интернационален филмски фестивал (ТИФФ) во 2024, „Тата“ учествува на бројни фестивали за документарен филм и човекови права, освојувајќи награди во Краков, Трст, ФИПАДОК, „Верзио“ во Унгарија и „Астра“ во Романија.

Проекцијата и дискусијата се реализираат во партнерство со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни