Продолжува судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

На денешното рочиште се очекуваат воведни зборови од одбраната на Александар Нацев, кого Обвинителството го третира како неформален, односно фактички сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, како и одбраните на обвинетите правни лица „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани и „Рубикон Секјурити Солушнс“.

Судот на почетокот на денешната расправа одлучи предметот да се води споено со постапката против сопственикот на објектот, со цел целосно разгледување на сите наводи и докази поврзани со трагедијата.

Во досегашниот тек на постапката, обвинителот Борче Јанев истакна дека процесот треба да доведе до утврдување и лична и институционална одговорност. Тој нагласи дека трагедијата не е резултат само на употребата на пиротехнички средства, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг од контрола, што објектот го претвориле во, како што рече, „смртоносна стапица“. Според Обвинителството, клучно е да се утврди не само кој го предизвикал пожарот, туку и кој имал можност да го спречи.

Сите обвинети на почетокот на судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за тешки дела против општата сигурност. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не носат кривична одговорност. Преку своите бранители, повеќемина обвинети ја оспорија основаноста на обвинението, тврдејќи дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е последица на институционални, а не индивидуални пропусти.

Во претходните рочишта свои воведни одбрани дадоа и првообвинетиот сопственик на дискотеката Дејан Јованов, сопственикот на „МММ Кафе“ Митко Стојанов, како и други обвинети поврзани со обезбедувањето и сопственоста на објектот. Дел од нив тврдат дека немало причинско-последична врска меѓу нивните постапки и пожарот, додека други нагласуваат дека не учествувале во адаптацијата на објектот или во носењето одлуки за неговото функционирање.

Обвинети се и поранешни функционери и службеници од повеќе институции, кои преку одбраната наведуваат дека постапувале во рамки на законските надлежности и дека немале можност за директен надзор на терен. Тие сметаат дека обвинението се темели на нецелосна истрага и погрешна правна конструкција.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на концерт, при што во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници. Пиротехнички средства биле активирани без дозвола, а објектот, според истрагата, со години работел без исполнување на минимално-техничките и противпожарните услови. Судскиот процес продолжува со цел да се утврдат сите околности и одговорности поврзани со една од најтешките трагедии во поновата историја на земјава.

Извор: Независен

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни