На денешното рочиште се очекува обвинетите да се произнесат за виновност, по што ќе следуваат воведните зборови на одбраната.
Обвинителството: трагедијата е последица на децении молк, пропусти и игнорирање на опасности
На минатото рочиште, обвинителството го презентираше својот воведен говор. Јавниот обвинител Борче Јанев истакна дека се бара одговорност „по име и презиме“ за сите кои дозволиле „Пулс“ да функционира како „смртоносна стапица“. Според него, катастрофата не е резултат само на активираната пиротехника, туку на долгогодишен институционален молк, игнорирана опасност и неказнивост.
„Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал кофа вода и не ја истурил“, порача Јанев, нагласувајќи дека доказите ќе покажат дека објектот бил опасен уште од самото отворање – со небезбедни материјали, нефункционални излези и отсуство на противпожарни мерки.
Според обвинителството, клубот работел незаконски повеќе од една деценија, со затворени прозорци, токсични материјали и единствен излез за евакуација, додека во критичната вечер бил дозволен влез на над 600 гости, меѓу кои и малолетници. Пиротехниката што била користена при настапот на групата „ДНК“ го запалила сунѓерот на плафонот, кој ослободил смртоносни гасови.
37 обвинети – од сопственици и управители до инспектори и државни службеници
Осум месеци по несреќата, на обвинителна клупа седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственици на локали, поранешни градоначалници, инспектори, членови на обезбедување, управители и државни службеници. Тие се товарат за низа кривични дела поврзани со загрозување на јавната безбедност, незаконско работење и тешки последици по животот и здравјето.
Паралелно со главниот процес, тече и посебна постапка против група полицајци за кои постојат сомнежи дека со години издавале лажни уверувања и дозволувале дискотеката да работи без исполнети безбедносни стандарди. Некои се во притвор, а други под мерки на претпазливост.
Дополнително, Обвинителството отвори постапка и против група вработени во Управата за јавни приходи, осомничени за мито и злоупотреби поврзани со истиот случај.
Силен интерес и високи безбедносни мерки
Судењето се одвива под строги безбедносни протоколи. Во судницата присуствуваат обвинетите, семејства на настраданите, домашни и странски новинари, како и претставници на обвинителството и одбраната. Состојбата на хоспитализираните лица, според Министерството за здравство, е стабилна – од 20 критични, 10 остануваат во потешка состојба, но се надвор од животна опасност.
Процесот го води судијката Дијана Груевска Илиевска, која уште на првото рочиште најави дека нема да дозволи злоупотреби и непотребни одложувања, предупредувајќи дека сите страни мора да почитуваат дисциплина и рокови.
Очекувањата се дека денешното рочиште ќе донесе јасна слика за позициите на обвинетите и стратегијата на нивната одбрана, а јавноста внимателно го следи развојот на еден од најтешките случаи во поновата македонска судска историја.
