Камбоџанските власти соопштија дека уште две лица загинале во ноќешните артилериски напади на тајландската армија, со што бројот на цивилни жртви од нивна страна се искачи на седум.
Од друга страна, Тајланд информира дека најмалку три тајландски војници го загубиле животот, пренесува BBC. Министерството за одбрана на Камбоџа тврди дека тајландските сили отвориле оган врз провинцијата Бантеи Меанчеј нешто по полноќ, при што загинале двајца цивили. Ден претходно, според министерот за информирање во Пном Пен, уште четворица камбоџански цивили загинале во тајландски напади.
Тајландската армија, пак, ја обвини Камбоџа дека користи повецевни ракетни фрлачи и дронови што фрлаат експлозив врз тајландските позиции, при што некои од ракетите, според извештаите, погодиле и цивилни области. Тајландските власти соопштија дека се воспоставени 492 привремени засолништа низ четири гранични провинции, во кои моментално се сместени над 125.000 евакуирани лица. Јавноста е повикана да се воздржи од објавување фотографии и информации за движењето на војската, со цел да се зачува безбедноста на силите на терен.
Камбоџанскиот поранешен премиер Хун Сен изјави дека нивните сили возвратиле на тајландските напади, истакнувајќи дека Камбоџа „трпела повеќе од 24 часа за да го почитува примирјето“. Според него, камбоџанските трупи „мора да се борат на сите точки каде што непријателот напаѓа“.
Двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на кревкото примирје постигнато во јули со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп. Тогаш Трамп го нарече договорот „историски успех“, а Камбоџа дури го предложи за Нобелова награда за мир за неговата улога во прекинот на огнот.
Граничниот спор меѓу Тајланд и Камбоџа, кој опфаќа 800 километри копнена граница, трае повеќе од еден век. Неговата ескалација во јули, кога Камбоџа испука ракети кон Тајланд, а Тајланд возврати со воздушни удари, доведе до моментален прекин на борбите по остро предупредување од Трамп дека ќе стави крај на разговорите за суспензија на американските царини.
Иако во октомври двете земји потпишаа договор за примирје, сегашните судири покажуваат дека договорот е далеку од стабилен. Американскиот претседател повика двете страни „целосно да го почитуваат“ договорот за прекин на огнот, оценувајќи дека продолжувањето на насилството го загрозува регионалниот мир.
Извор: N1info.rs
