Продолжи со работа Меѓупартиска парламентарна група за ХИВ и СРЗ – сексуалнои репродуктивно здравје и во овој парламентарен состав

ХЕРА, во текот на своето 25-годишно работење во областа на социјалната заштита, здравството и образованието, ја извршува функцијата на секретаријат на групата и ја поддржува соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права.

На 12 јуни 2025 г. продолжи со работа Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ и сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ), во која членуваат пратеници од 9 политички партии.  Целта на групата е да се зголеми парламентарната посветеност кон прашањата поврзани со ХИВ и СРЗ, преку меѓупартиски дијалог и партнерство со граѓанските организации и заедниците.

Средбата на групата беше организирана од конзорциумот предводен од ХЕРА во партнерство со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари, во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“, поддржан од Швајцарската агенција за развој преку програмата Цивика Мобилитас.

Првата ваква група беше основана во мај 2012 година, по иницијатива на ХЕРА, во соработка со Националниот демократски институт. Во изминатите 12 г., ваквата група функционираше во секој парламентарен состав. Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ и сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) е дел од Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права, во кој членуваат парламентарни групи од целиот Европски регион, кои се залагаат за унапредување на здравствените и репродуктивните права на девојките, жените и маргинализираните заедници.

Во изминатата деценија, пратениците од оваа група имаа успешни иницијативи поврзани со ХИВ и СРЗ, меѓу кои: унапредување на државното финансирање на терапија за луѓето со ХИВ, домашно финансирање на ХИВ-превенцијата по прекинот на меѓународната поддршка, како и унапредување на законската регулатива за репродуктивната слобода на жените.

Во новиот состав на групата номинирани се  пратеници од политичките партии: Алијанса на Албанците, Алтернатива, БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ, Движење ЗНАМ, ДУИ – Демократска унија за интеграција, ЛДП – Либерално-демократска партија, СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија и Турска демократска партија. На средбата, пратеничката Даниела Николова беше избрана за претседавачка на групата, додека Арбана Пашоли и Даниела Белимова беа избрани за ко-претседавачки.

ХЕРА, во текот на своето 25-годишно работење во областа на социјалната заштита, здравството и образованието, ја извршува функцијата на секретаријат на групата и ја поддржува соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни