Од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој информираат дека рокот за аплицирање за Мерка 3 од ИПАРД 2 е продолжен:
По барање на заинтересираните потенцијални апликанти се продолжува рокот за 15 дена на јавниот повик 1/2023 за доставување на барања за користење на средствата од #ИПАРД 2 програмата за мерката 3.
Крајниот рок е 3 октомври 2023 година
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го објави последниот јавен повик од ИПАРД 2 програмата за доставување на барања за користење на средства по мерка 3 – Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи.
Финансиски средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка (грант) во износ од 50% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.
Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик изнесува 8.8 милиони евра, а крајниот рок за поднесување на барањата е 3 октомври 2023 година.
Финансиските средствата по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка, (грант) во износ до 50% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.
Напомена: Заради временската рамка за реализација на активностите од ИПАРД Програмата 2014-2020, крајниот рок за реализација на инвестиции со овој Јавен повик e 31.05.2024 година, додека, рокот за поднесување на барањата за исплата е 30.06.2024 година.
Според законот за основање на Aгенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – исплатата на финансиската поддршка се врши по донесено решение за исплата од страна на Агенцијата, во рок од шест месеци од денот на поднесувањето на барањето за исплата.
Мерка 3 – инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи
Групите на инвестиции по приоритетни сектори се однесуваат на следниве типови на инвестиции:
- Млеко и млечни производи;
- Месо и производи од месо (вклучувајќи јајца и живина);
- Овошје и зеленчук (вклучувајќи ги компирите, печурките и легуминозните култури);
- Житарици, мелнички продукти и скроб;
- Растителни производи и масла и маснотии од животни;
- Шира, вино и оцет:
- Производство на енергија преку погони за преработка и производи од животни од примарната и секундарната биомаса, со исклучок на биомаса од рибни производи.
Во овој јавен повик не се прифатливи инвестиции во градежни објекти, односно изградба, доградба, надградба или адаптација на објекти.
ИНВЕСТИЦИИ ПОВРЗАНИ СО ПРОИЗВОДСТВО НА ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ
Единствено прифатливи се инвестиции за набавка и поставување/инсталирање на опрема за производство на енергија за сопствени потреби.
КОЈ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА
На овој повик може да аплицираат микро, мали и средни претпријатија регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија.
Микро
- помалку од 10 вработени
- годишен приход (обрт) до 2 милиони евра
- биланс на состојба до 2 милиони евра
Мали
- помалку од 50 вработени
- годишен приход (обрт) до 10 милиони евра
- биланс на состојба до 10 милиони евра
Средни
- помалку од 250 вработени
- годишен приход (обрт) до 50 милиони евра
- биланс на состојба до 43 милиони евра
Извор: agrotim.mk