По повеќе одлагања, студиото Lionsgate официјално потврди дека ќе се снима продолжение на култниот филм Dirty Dancing. Веста веднаш предизвика внимание кај обожавателите, со оглед на тоа што оригиналот од 1987 година важи за една од најпознатите романтични драми и еден од највлијателните танцови филмови во историјата на киното.
Во новото продолжение, актерката Џенифер Греј повторно ќе ја толкува улогата на Франсис „Бејби“ Хаусмен. Дејството ќе биде сместено во 1990-тите години, а Бејби повторно се враќа во одморалиштето Келерман, местото каде што ја доживеа незаборавната љубовна приказна со танчерот Џони Касл. Засега, ова се единствените официјално потврдени детали за приказната.
Она што сè уште останува отворено прашање е како авторите ќе се однесуваат кон ликот на Џони, кој во оригиналниот филм го играше легендарниот Патрик Свејзи. Според неофицијалните информации, нема да се бара замена за ликот, што кај фановите беше дочекано со олеснување, бидејќи Џони за многумина останува незаменлив дел од магијата на филмот.
Едно од сценаријата што кружи меѓу обожавателите е Бејби да се врати во Келерман како вдовица, со што ликот на Џони би бил со почит изоставен од директното дејство, но би останал присутен како емоционална сенка и омаж на оригиналот. Во таков наратив, можно е да се појави и нивниот син, кој го наследил танцовиот талент на својот татко.
Сценариото го потпишува Ким Розенсток, а дали продолжението ќе успее да ја задржи емоцијата и духот на оригиналот, ќе се знае откако ќе започне продукцијата. Џенифер Греј веќе потврди дека снимањето треба да започне во текот на оваа година и изјави дека со нетрпение го очекува враќањето во улогата што ѝ ја одбележа кариерата.
„Улогата на Бејби има длабоко и посебно место во моето срце, како и во срцата на многу фанови. Долго се прашував каде би можеле повторно да ја затекнеме Бејби и како би изгледал нејзиниот живот денес. Конечно се собра тим на луѓе на кои им верувам дека ќе го почитуваат наследството на оригиналниот филм“, изјави Греј.
